Македонија

Нелегално е со парите од општините да се финансира Албанска академија на науките и уметностите

Министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за МИА, коментирајќи ги најавите на четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, вели дека законска можност за такво нешто нема.

Според Перински, посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, а не да одвојуваат средства за нешто коешто едноставно нема да има функција во годините што следат.

– Во суштина тоа е строго опишано во Законот за локална смаоуправа во членот 11 кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот што во превод значи дека Законот сака да каже дека сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема, истакнува Перински.

Градоначалниците на коалицијата Вреди заедно со претседателите на општинските совети и академици денеска во Тетово одржаа работна средба на тема годишно финансирање на проекти од суштинско значење за унапредување на интелектуалната и научната мисла на Албанците.

Поводот за денешната средба, како што е наведено во партиското соопштение, е динамизирање на реализацијата на научниот проект на Коалицијата Вреди за формирање на Албанската академија на науките и уметностите.

„Неопходноста за создавање на Албанската академија е инертноста на МАНУ за реформи кои треба да ја одразуваат фактичката состојба, а не се случуваат веќе 57 години. Овој исклучиво научен проект на Вреди нема за цел да предизвикува етнички тензии ниту паралелизам во државната образовна номенклатура, туку да изградиме уште една научна установа која ќе ја обедини автентичната албанска мисла во заеднички и рамномерен општествен развој. Овој проект ја рефлектира нашата визија за зајакнување на националниот идентитет на Албанците во најстратешките области – науката и уметноста. Академијата, со седиште во Тетово, ќе создаде нови можности за албанските истражувачи и уметници да придонесуваат со квалитетни истражувања и да го зачуваат нашето културно наследство. Убедени сме дека оваа иницијатива ќе биде поттик за квалитетно образование и развој на една силна интелектуална заедница“, се вели во соопштението.

На почеток