Скопје

Мицкоски: Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи туку против фашистички режим

„Денес сме собрани тука, обединети од длабоката љубов кон нашиот главен град, Скопје. Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација“, кажа премиерот Христијан Мицкоски по повод денот на ослободувањето на Скопје.

„Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива.

Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот.

И затоа Скопје не е само град; тоа е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост.

Оваа метропола повеќе пати израснуваше од урнатини, ги минуваше своите нај темни ноќи и се издигна посилна од кога било.

И денес, со секој чекор што го правиме, го носиме тој дух на нашите предци, кој нè потсетува дека слободата никогаш не доаѓа лесно и дека за неа треба да се бориме. Нема откажување, нема невозможни работи силата е во вербата во идејата, и степенот на жртва кој може да се поднесе за нивно остварување“, рече Мицкоски.

„Сигурно ниту на Методија Андонов Ченто, ниту пак Димитар Влахов или Михајло Апостолски не им било ниту малку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ Слободното Скопје.

Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации потоа ,после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа.

Денес, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината.

Овој празник е завет – завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме оваа слобода, дека ќе се грижиме за нашиот град и за нашата татковина.

Скопје е нашиот град. Нашиот дом. Градот распослан на Вардар, со скопското кале, старата чаршија, Водно и уште стотици илјадници места од нашата младост, од нашите животи. Град со премногу проблеми, но и град со душа, на градски култни места, паркови, маалски клупи и дружби, на скопските урбани ликови кои ги нема многу но се паметат и чуваат во спомените на скопјани. Град кој не заборавајте дека повеќе пати изникнуваше од пепелта, историјата која покажува дека требаше да биде уништен, за да живее, кој го преживеа жарот на Пиколомини, земјотресот, поплавите, но и град кој го даде Јустинијан, Мајка Тереза, многу познати уметници, музичари. Градот на Леб и сол, Меморија, на Горан Стефановски, Златното Славејче и Александар Џамбазов, стотици други кои се големата приказна, парче душа на овој град. Има и такви кои цртаат замислени граници, подигаат завеси, робуваат на стереотипите, бараат лева и десна страна на градот, но вистинските луѓе во реката Вардар не гледаат граница, туку точка на поврзување. Во Камениот мост не гледаат поделеност, туку точка на заедништво. Затоа што Скопје е едно и единствено кое не познава граници, кои ги надживува стереотипите, поделбите, ја замира омразата, и ја подигнува солидарноста. Во таков град јас израснав и во такви вредности јас верувам. И знам дека душата на градот не зависи од десетина луѓе кои се на позиции и кои го водат градот, туку од стотиците илјади останати кои живеат во него и се дел од нашето Скопје“, изјави премиерот.

„Денес Скопје се соочува со бројни предизвици. Градот го води администрација далеку од можноста да одговори на потребите на граѓаните. Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот, или третирањето на отпадот, или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза. Навистина не мислам овој мој говор да го претворам во полемика за тоа што му треба на Скопје, или колку им е тешко на скопските градоначалници кога имаат неразумна страна од градот за да одговорат на потребите, и колку многу дадоа за напредокот на општините во состојба кога од другата страна имаат противник, наместо партнер во градот, ниту пак пробувам да се амнестирам за грешката наречена актуелна градоначалничка на Скопје, и колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани.

Сократ рекол животот без спознание вистински не вреди. Очигледно оваа лекција е научена и сега знам дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија. Кој ќе има емпатија и ќе пулсира со градот. Кој ќе умее да ја негува душата на градот и ќе решава проблеми. Не го знам името на нашиот иден кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што тоа е прерано, но го знам карактерот на личноста која ќе ја избереме. На Скопје не му требаат експерименти туку докажани луѓе и Скопје е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања.

Време е за нова страница, за зафаќање за решавање на клучните проблеми на градот. Загадувањето, организирањето на јавниот превоз, ставањето на ред во урбанизмот, поврзувањето и сообраќајот. На Скопје му е потребно човек кој докажал дека умее да работи, не му треба кадар кој ќе го пробуваме допрва дали ќе му тргне, туку човек кој ќе даде се од себе да ги решава проблемите. Човек со искуство, и реализирана личност. Кој го знае градот, кој има успешен живот. Тука е централната власт да помогне како што и помагаме на многу други општини од различни политички ориентации, кои досега побараа поддршка. Скопје мора да заврти нов лист, и да имаме нов почеток. Мора да обезбедиме механизми идниот градоначалник да го вети и реализира ветеното и од тоа да нема отстапување. Со целата наша помош да изградиме сеопфатна програма која ќе ги реши горливите проблеми на скопјани- урбанизмот, сообраќајот, превозот, истото така и почист воздух. И верувам дека тоа заедно ќе го оствариме“, истакна Мицкоски.

На почеток