Свет

Русија одлучи да ги казни оние кои ја бомбардирале Југославија

Русија усвои документ по повод претстојната 20-годишнина од почетокот на НАТО-бомбардирањето на Југославија во кој се наведува дека иницијаторите на тоа злосторство мора да одговараат.

Во документот што го усвои Горниот дом на рускиот парламент е наведено дека таа воена операција негативно се одразила на понатамошниот развој на заемните односи и довербата меѓу европските држави, а неказнувањето на одговорните довело до нови трагедии во Сирија, Ирак и Либија, пишува „Спутник“, пренесува „Танјуг“.

За жал, стои во документот, лекциите не се научени и НАТО продолжи да користи воена сила во други суверени држави – Ирак, Либија и Сирија, а денес истото им се заканува и на Венецуела, Куба и Никарагва.

Руските сенатори потсетуваат дека НАТО во бомбардирањето на Југославија користел муниција полнета со осиромашен ураниум, што предизвикало многубројни цивилни жртви.

„Покрај тоа, признавањето на независност на Косово, кое следуваше во 2008 година, од низа земји од Западот претставуваше само продолжение на тоа што го започна НАТО – поддршка на сепаратизмот и конфликтот на територија на поранешна Југославија“, се наведува во документот.

Русија ги повика парламентите од државите ширум светот, но и меѓународните организации, како и Европскиот парламент да ја осудат агресијата на НАТО против Југославија и да  преземат чекори за да ги санираат последиците.

На почеток