Свет

Првиот во Америка: Њујорк ќе наплаќа 9 долари за возење со автомобил поради метежот

Со цел да се намали метежот, Њујорк планира од јануари да воведе такса од девет долари за возење на Менхетен, чија примена државата ја суспендираше на почетокот на годинава на неопределен период, изјави синоќа гувернерката на Њујорк, Кети Хочул.

Програмата за наплата на метеж во Њујорк, прва од ваков вид во Соединетите Држави, првично бараше дневна патарина од 15 долари за патничките возила што возат низ Менхетен јужно од 60-та улица, почнувајќи од 30 јуни. Лондон воведе слична такса во 2003 година. Меѓутоа, непосредно пред тој датум, Хочул го стави планот во мирување на неодредено време, наведувајќи ја високата инфлација и желбата да не ги обесхрабрува патниците и туристите.

Но, Њујорк сега брза да ја воведе таксата пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Трамп во четвртокот рече дека воопшто не се согласува со одлуката за воведување на таксата.

„Тоа ќе го стави Њујорк во неповолна положба во однос на конкурентските градови и држави, а бизнисите ќе бегаат“, рече тој.

Хочул рече дека новата основна такса за патнички возила ќе биде 9 американски долари, 40 отсто помалку од првично објавеното. Таа рече дека патарината е клучна за нови инвестиции во метрото и автобусите во Њујорк и ќе поддржи 15 милијарди долари за задолжување за инвестирање во подобрувања на јавниот транспорт.

На почеток