(Фото) Автобус на ЈСП се запали во Злокуќани при движење
Автобус на ЈСП се запалил во Злокуќани, а интервенирала и Противпожарната бригада. Ова се случило околу девет часот утрово, а за среќа, во автобусот во моментот, немало патници.
Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема. Излезено било на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје.
Ова не е прв автобус на ЈСП во изминативе месеци што гори среде автобуски станици. Претходно ова се случи и кај Железничката станица, како и Бутел. Постојано има дефекти, а јавноста го памети случајот кога гума на автобус излета среде Партизанска кај Соборниот храм.
„Скопје1“ во повеќе наврати бара одговори од директорот Драги Кушовски, поставен од Данела Арсовска, која е причината што вакви автобуси воопшто се пуштаат во сообраќај, но и чија е вината. Претходно, од Кушовски баравме и одговор кој ќе понесе одговороност при евентуална несреќа. Од него нема одговори.
Истовремено, Арсовска бара нови автобуси, но не е јасно зошто не се сервисираат и постоечките, за да може нормално да се сообраќаат. Советниците се децидни дека автобуси мора да се набават согласно соодветна постапка, но тоа не е решение. Тие гледаат спас во нормалнизирање на сообраќајот со приватните превозници и автобусите на ЈСП.