Македонија

Обезбедувањето на Гаши имало несреќа на пат кон Охрид: има повредени

Од кабинетот на собранискиот спикер Африм Гаши соопштија дека во денешната сообраќајна незгода на патот Охрид-Кичево, полициското возило во кое се наоѓаа припадници од неговото обезбедување излетало од патот. Тие патувале како дел од претходницата за неговата посета во Охрид.

„Попладнево сообраќајна незгода се случи на возило во кое се наоѓаа обезбедувањето на претседателот Африм Гаши, кои патуваа како претходница за посетата на претседателот Гаши во Охрид.

Информираме дека сите тројца членови на тимот се здобија со полесни телесни повреди и моментално се во стабилна состојба. На нив им е укажана лекарска помош и се наоѓаат во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид“, се истакнува во соопштението.

По пристигнувањето во Охрид, Гаши се упатил кон болницата и лично се уверил за здравствената состојба на членовите на обезбедувањето.

„Сообраќајните несреќи, особено во предизвикувачки временски услови и услови на патиштата, се несреќна реалност.

Безбедноста останува наш главен приоритет, и ние сме благодарни за брзата реакција на службите за итни случаи и лекарскиот тим“, се нагласува во информацијата од кабинетот на Гаши.

На почеток