Свет

Кина за првпат проговори за ситуацијата во Сирија

Кинеското Министерство за надворешни работи повика во понеделникот да се најде „политичко решение“ во Сирија што е можно поскоро за да се врати стабилноста и редот, откако бунтовниците го зазедоа сирискиот главен град викендов, а неговиот претседател побегна во Русија.

Кина внимателно го следи развојот на настаните во Сирија и се надева дека сите релевантни страни ќе постапат во согласност со основните интереси на сирискиот народ, изјави на редовната прес-конференција портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.

Во неделата, сириските бунтовници објавија на државната телевизија дека го симнале од власт претседателот Башар ал Асад, ставајќи крај на 50-годишната семејна династија во офанзивата што ги зголеми стравувањата од нов бран на нестабилност на веќе разурнатиот од војна Блискиот Исток.

Метеорскиот подем на бунтовничката алијанса предводена од Хајат ал Тахрир ал-Шам (ХТС), поранешен огранок на Ал Каеда, означи една од најголемите пресвртни точки за регионот во последните генерации.

Соединетите држави, Турција и Обединетите нации ја прогласија ХТС за терористичка група.

„За иднината и судбината на Сирија треба да одлучи сирискиот народ и се надеваме дека сите релевантни страни ќе најдат политичко решение за да ја вратат стабилноста и редот што е можно поскоро“, рече Мао.

На почеток