До мај нема да има одлука за Законот за јазици, Уставен се жали на политички притисоци
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој информираше дека на работен состанок на 23 декември ќе се дефинираат спорните прашања, а по завршувањето на подготвителната седница, најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.
„Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија, веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Побарав од судијата известител најдоцна до 23 овој месец да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог-листа на учесници и во оној момент кога ќе го добиеме мислењето, моја проценка дека ќе биде почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница“, изјави на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Прашан зошто иницијативите поврзани со овој закон не биле ставени порано на дневен ред, Костадиновски укажа на фактот што две години Уставниот суд работел со минимум кворум од пет судии, а надлежноста за изборот на судиите, како што рече, ја има Собранието.
„Две години работевме на раб на кворум. Замислете еден судија да не дојде или нешто да се случи – ќе немаме Уставен суд. А, ако немаме Уставен суд, импликациите се мултиплицираат. Но, за останатите три години нема оправдување зошто не е одлучувано. Сензитивноста за одредени предмети не поминува со минувањето на времето. Овој предмет беше сензитивен кога ги добивме и првите иницијативи пред пет години, денеска е сензитивен, ќе биде сензитивен и во 2030 година. Од негде мора да се почне. Овој суд ќе ја донесе одлуката за тој предмет, никој да нема дилема“, додаде претседателот на Уставниот суд.
На денешната прес-конференција по одржаната 32. Седница, Костадиновски нагласи дека судот е изложен на политички притисоци и манипулации, но дека ќе продолжи со постапувањето по предметот, барајќи мислења од странски експерти за да обезбеди независност и непристрасност. Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување, истакнувајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот и правдата.