Коњановски: Епски криминал во РЕК Битола, наместо стотици милиони да се вложуваат во рудниците и термо блоковите се вложувале во поединечни џебови
Во текот на денешната панел-дискусија на која се дебатираше темата поврзана со РЕК Битола или поконкретно извршените криминали во истата како и нивните последици, свој осврт даде и директорот на ЕСМ Зоран Коњановски.
Според Коњановски ова е многу значајна тема пред сè за Комбинатот РЕК Битола, а потоа и за енергетскиот сектор воопшто и за социоекономските случувања во државата.
„Безмилосно се однесувале кон РЕК Битола, кон енергетскиот сектор и тоа придонесе до една многу, многу лоша ситуација која за жал секојдневно ја чувствуваме и ја гледаме. Она што било пропуштено да се направи во претходните пет, шест, седум години, она што било уништено во претходните пет, шест, седум години во однос на лукративните тендери, во однос на дивеењето на раководството на РЕК Битола заедно со одредени надворешни компании, придонесува денес да имаме нестабилен енергетски систем“, јасно посочува Коњановски.
Во контекст на последниот скандал поврзан со компанија „Браинкоде“, при што истата од компанија која се занимавала со трговија на канцелариски материјали станува практично фирма за увоз на хемиски производи на големо и добила три тендери од ЕСМ за набавка на адитиви од Италија во вредност од 6,5 милиони евра и тоа на двата од нив се јавува како единствен понудувач, Коњановски вели дека за жал ова не е единствена фирма која наменски е формирана само неколку месеци пред објавување на некоја тендерска постапка.
„Ваков адитив не е донесен само во РЕК Битола, туку е донесен и во РЕК Осломеј, а таму воопшто не е искористен и ова е една класична мафијашка постапка, како заради некои причини кои можеби и свесно се направени во комбинатот се добила идеја да се набави ваков адитив. Втор дел од оваа приказна е што само една фирма се одважила да се јави на тендерот, тоа е јавна тајна дека не е така, туку се правеле притисоци врз останатите фирми или да се откажат или се одело на електронска аукција каде што повторно со притисоци се обесхрабрувале другите фирми да ги намалуваат цените“, појаснува Коњановски.
Според него ова е еден епски криминал кој се случувал во електроенергетскиот систем и истиот за жал бил помогнат од раководството на СДС, па наместо стотици милиони да се вложуваат во рудниците и термо-блоковите се вложувале во поединечни џебови.