Затворена постапката против Рајчев и Фетаи: Злоупотребени се податоци на сведок во Обвинителство, ама не се знае од кого
Злоупотребени биле лични податоци на сведок во постапка која се водела во Вишо јавно обвинителство-Скопје, чии име, презиме и матичен број биле искористени за активација на сим-картица. Но не се утврдило кој ги злоупотребил, иако предметот се водеше против обвинителот Сашо Рајчев. Ова е констатацијата на Оливера Нечаковска, битолска обвинителка која водеше предмет против нејзините колеги, Рајчев и Фатиме Фетаи. Таа донесе одлука со која предметот го затвори. Па така, неказнет ќе остане тој/таа што од списи вадел податоци за да активира картичка, со која подоцна беа нарачувани клеветнички текстови против сега суспендираниот шеф на вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
„Јас постапував по предметот, беа преземени низа од дејствија, имаше пријави за двајца обвинители од Вишо обвинителство и едно фиизчко лице. Пријавите беа за злоупотреба на лични податоци и злоупотреба на службена положба. Беа преземани низа од дејствија и доколку се утврди кривично дело да се види кој го сторил. Се утврди дека се злоупотребени лични оподатоци на едно лице, матичен број, име и презиме, за понатаму да комуницира со лице кое објавува написи“, рече обвинителката Нечковска која го водела случајот.
Таа не утврдила дека обвинителот Сашо Рајчев го сторил делото, иако тој беше пријавен. Посочува дека пробала да го открие сторителот, но не успеала.
„Во однос на сторителот, по преземените дејствија, одземена документација, разговорано е со лицето чии пдатоци беа злоупотребени, се утврди дека не постои доказ со кој ние би можеле да одиме натаму, за да го задоволи стандардот за да очекуваме осудителна пресуда. Донесов решение за отфрлање на кривичните пријави. Нема докази дека го сторил…“, додаде Нечковска.
Суспендираниот шеф на Вишото обвинителство, Скопје, Мустафа Хајрулахи, во Претрес го објасни и случајот со нарачани текстови против него, објавени во Доказ на Марјан Стаменковски.
„Пишувањата против мене со лични дискредитации со напади во Доказ почнаа во времето на мојот реизбор. Марјан Стаменковски побара иземање на обвинителот Сашо Рајчев бидејќи тој му доставувал материјали“, рече Хајрулахи.
Лицето И.Ш. беше сведок во Обвинителството, објаснува Хајрулахи, а обвинителот Рајчев ги извлекол податоците и ги ставил на своја нова сим картичка. Тој си ѕвонел и сам на себе, додава тој, па посочува: „што е регистрирано на базна станица, и потоа ѕвонел на Марјан Стаменковски“.
„Марјан Стаменковски материјалите ги добивал преку Сашо Рајчев и Фатиме Фетаи која ги давала преку своја пријателка. Фрапиран сум од обвинителите. Сашо Рајчев сакаше да клекне на колена и ме молеше да му простам“, рече Хајрулахи.