Зајакната контрола врз експлоатацијата на минералните суровини – Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УЈП
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Управата за јавни приходи (УЈП) потпишаа Меморандум за соработка, кој има за цел да го унапреди процесот на инспекциски контроли и надзор врз концесионерите што вршат експлоатација на минерални суровини во Македонија.
Со овој документ, двете институции ја зацврстуваат заедничката цел – да обезбедат транспарентно, законско и ефикасно искористување на националните ресурси, со јасен фокус на заштита на јавниот интерес и зголемување на економската одржливост.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, потенцираше дека соработката со УЈП претставува чекор кон воспоставување подобар систем за мониторинг и контрола на работењето на концесионерите.
„Нашата држава располага со значајни минерални богатства, но одговорното и законско управување со нив е од суштинско значење за економскиот раст и заштитата на природните ресурси. Со овој меморандум ја комбинираме експертизата на Министерството и капацитетите на УЈП за да ги зајакнеме инспекциските процеси и да осигуриме дека секој кој користи национални ресурси го прави тоа законски и соодветно“, изјави министерката Божиновска.
Директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, истакна дека оваа соработка ќе донесе ново ниво на синергија меѓу двете институции, преку размена на информации, знаења и практични алатки за инспекциска контрола.
„Со заедничка работа ќе обезбедиме поголема ефикасност во следењето на приходите и обврските на концесионерите, што ќе придонесе за зголемување на буџетските средства и праведна распределба на ресурсите“, рече Петрова.
Во рамки на Меморандумот, предвидено е да се овозможи навремена и ефикасна меѓусебна размена на податоци, координација и известувања во постапките за следење на плаќањето на надоместоците за вршење на детални геолошки истражувања и за концесија за експлоатација на минерални суровини, што ќе ја унапреди брзината и точноста на контролите.
Министерството за енергетика и УЈП остануваат посветени на заедничката визија за транспарентна и праведна употреба на националните ресурси, со цел обезбедување економска стабилност и долгорочна корист за граѓаните на Македонија.