(Видео) Бајден го одржа својот проштален говор и предупреди дека само една група луѓе е опасна за Америка
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во својот последен говор во Белата куќа предупреди на „опасната олигархија“ што се создава во Америка, за која смета дека може да стане закана за идната демократија, пишува Би-би-си.
„Во Америка денес се формира олигархија на извонредно богатство, моќ и влијание што навистина ја загрозува целата наша демократија, нашите основни права и слобода“, рече Бајден.
Според Би-Би-Си, американскиот претседател го таргетирал „ултра богатиот технолошко-индустриски комплекс“, а сосема е јасно дека Бајден го гледа Илон Маск, гуруто на претседателската кампања на Трамп, како лидер на овој агрегат.
Тој, исто така, го искористи својот последен ТВ говор од Белата куќа за да предупреди против климатските промени и дезинформациите на социјалните мрежи.
Говорејќи од Овалната соба, тој ги пофали и резултатите од неговата администрација, споменувајќи ги отворањето на работни места, трошењето за инфраструктура, здравството, излегувањето на земјата од пандемијата и, како што тврди, правењето на САД побезбедна земја.
Бајден додаде дека ќе биде потребно извесно време за да се почувствува целосниот ефект од она што го направи неговата администрација, но „семето е засадено, ќе расте и ќе цвета со децении“.
Тој и посака успех на новата администрација на Доналд Трамп, но потоа упати низа предупредувања.
„Моќните сили сакаат да го искористат своето огромно влијание за да ги елиминираат чекорите што ги презедовме за справување со климатската криза чисто заради моќ и профит“, рече Џо Бајден.
Тој, исто така, ги нападна социјалните мрежи како што е Мета на Марк Цукерберг, кој неодамна вети дека ќе се ослободи од „независните проверувачи на факти“.
„Социјалните медиуми се откажуваат од проверката на фактите. Вистината е задушена од лагите кажани за моќ и профит“, рече Бајден.
Завршувајќи го својот говор, тој ги повика Американците да ја „чуваат“ својата земја.
„Бидете чувари на пламенот“, рече Бајден.
Говорот дојде откако претходно тој објави дека во средата е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.