Свет

Сѐ послаби се ветровите во Лос Анџелес, пожарникарите го контролираат најсмртоносниот пожар

Една недела откако шумските пожари почнаа да ја пустошат областа во Лос Анџелес, противпожарните екипи конечно напредуваат.

Пожарот во Итон во близина на Пасадена, кој однесе седумнаесет животи од вкупно 25 потврдени смртни случаи досега, беше локализиран речиси 50 отсто во средата.

Пожарот Палисадес, кој зафати голема површина на западниот раб на Лос Анџелес, исто така не се шири во последните денови, според локалните власти. Според првите проценки, повеќе од 12.000 згради биле уништени или оштетени во областа.

Временската прогноза за следните неколку дена – со слабеење на ветрот и пад на температурата – конечно има причина за надеж дека најакутната фаза од оваа катастрофа можеби е завршена. Сепак, пожарникарите се уште се во состојба на готовност бидејќи опасните ветрови од Санта Ана во секој момент можат да ја искомплицираат ситуацијата.

Повеќето од црвените предупредувања за пожар во погодените области истекоа во средата навечер по локално време, соопшти метеоролошката служба на Лос Анџелес. Само околу 82.000 луѓе останаа под наредба за евакуација, рече шерифот на округот Роберт Луна.

Сепак, американските медиуми објавија дека незадоволството расте меѓу жителите, од кои многумина ги напуштиле своите домови со едвај малку работи. Опожарените области се уште се опколени и не е одреден датум кога жителите ќе се вратат дома.

Во меѓувреме, окружниот обвинител на округот Лос Анџелес и полицијата повторно повикаа на најстроги можни казни за криминалците кои се обидуваат да ја искористат катастрофата.

Претходно оваа недела, окружниот обвинител Нејтан Хохман поднесе обвинение против 10 осомничени разбојници, провалници и пиромани.

На почеток