Свет

Нетанјаху му се заблагодари на Трамп за помошта околу примирјето, а и на Бајден

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во одделни разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и со претседателот во заминување Џо Бајден, им се заблагодари на помошта во обезбедувањето прекин на огнот во Газа, како и на договорот за ослободување заложници во замена за палестинските затвореници.

Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека Нетанјаху вчера вечерта прво разговарал со Трамп, а потоа и со Бајден.

На платформата X, канцеларијата на Нетанјаху му се заблагодари на Трамп, кој треба да го замени Бајден во Белата куќа во понеделник, „за неговата вмешаност во ослободувањето на заложниците и што му помогна на Израел да стави крај на страдањата на десетици заложници и нивните семејства“.

Израелскиот премиер „го пофали новоизбраниот американски претседател за неговата изјава дека САД ќе соработуваат со Израел за да се осигураат дека Газа никогаш нема да биде засолниште за тероризам“, се вели во соопштението на неговиот кабинет, додавајќи дека двајцата политичари „одлучиле да наскоро ќе се сретнат во Вашингтон каде што треба да разговараат за ова и за други важни прашања“.

Кабинетот на Нетанјаху беше краток во описот на разговорот со претседателот во заминување, Џо Бајден. Само пишуваше дека израелскиот премиер „му се заблагодарил за помошта околу договорот за заложници“.

Посредникот Катар објави дека Израел и палестинската милитантна група Хамас се договориле за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на неколку заложници во замена за палестински затвореници. Се очекува договорот да стапи на сила во недела.

На почеток