Во Украина се шират опасни бактерии отпорни на антибиотици
Кога Олексндр Безверкни беше евакуиран во болницата Феофанија во Киев, малкумина веруваа дека ќе преживее, пишува Би-Би-Си. Војникот (27) имал тешка повреда на стомакот. Му беа ампутирани двете нозе. Тогаш лекарите открија дека неговите инфекции се отпорни на вообичаени антибиотици и веќе тешката задача да му го спаси животот стана речиси безнадежна.
Антимикробната резистенција (АМР) се јавува кога бактериите се развиваат и учат да се бранат од антибиотици и други лекови, што ги прави неефикасни. Украина не е единствената земја погодена од овој проблем. Околу 1,4 милиони луѓе ширум светот починале од инфекции поврзани со АМР во 2021 година, додека во Британија имало 66.730 сериозни инфекции отпорни на антибиотици во 2023 година. Сепак, се чини дека војната го забрза ширењето на патогени отпорни на повеќе лекови во Украина.
Клиниките кои примаат пациенти со воени повреди забележаа нагло зголемување на случаите на АМР. Според заменик-главниот лекар Андриј Строкан, повеќе од 80% од сите пациенти примени во болницата Феофанија имаат инфекции предизвикани од микроби отпорни на антибиотици.
Иронично, инфекциите отпорни на микроби често потекнуваат од медицинските установи. Иако медицинскиот персонал се обидува да ги следи строгите хигиенски протоколи и користи заштитна опрема за да го минимизира ширењето на инфекцијата, објектите се преполни со луѓе повредени во војната. Володимир Дубина, директор на интензивна нега во болницата Мечников, рече дека од почетокот на руската инвазија, само неговиот оддел го зголемил бројот на кревети од 16 на 50.
Во исто време, многу вработени бегаат од војната или самите се приклучуваат на армијата, па бројот на персоналот е намален. Штрокан објасни како таквите околности можат да влијаат на ширењето на бактериите.
„Во хируршките одделенија, една медицинска сестра се грижи за 15-20 пациенти. Таа физички не може да ги мие рацете толку често колку што е потребно за да се спречи ширење на инфекции“, рече тој.
Пациентите во војна се изложени на многу поголем број на видови на инфекции отколку што инаку би биле. Кога војниците се преместуваат од болница во болница за лекување, тие често минуваат низ повеќе објекти, секој со свои видови на АМР. Докторите што знаат тврдат дека тоа е неизбежно поради обемот на војната, но сепак го влошува ширењето на инфекциите со АМР.
Така беше и со војникот Безверкни, кој се лекуваше во три институции пред да пристигне во болницата во Киев. Бидејќи неговите инфекции не можеле да се лечат со вообичаените лекови, состојбата му се влошила, па дури пет пати добил сепса.
Ситуацијата во Украина се разликува од другите неодамнешни конфликти, како што е војната во Авганистан, каде што западните војници би биле лекувани на лице место, а потоа со хеликоптер би биле пренесени во европска клиника наместо да минуваат низ повеќе локални установи.
Во Украина тоа не е можно бидејќи, според Дубина, чија болница во Днипро се наоѓа во близина на борбената линија, таков прилив на пациенти не е забележан од Втората светска војна. Кога неговите пациенти ќе станат доволно стабилни, тие се префрлаат на друга клиника, доколку има простор, за да можат воопшто да добијат нови. „Тоа значи дека бактеријата се шири понатаму. Од друга страна, ако не го сториме тоа, не можеме да работиме. Тоа би било катастрофа“, изјави тој.