ВМРО-ДПМНЕ: Дали веледрогеријата Пановски прави вештачка криза на Онкологија за да го уценува македонското здравство?
ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение за недостигот на лекови на Онкологија. Сведоци сме во јавноста, дека веледрогеријата Пановски која има огромни профити со управувањето на цените за лековите на грбот на луѓето болни од рак, создава вештачка криза години наназад, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа веледрогерија, која е во сопственост на таткото на Ирина Пановска, која токму Венко Филипче ја има поставено за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година, до сега има земено неверојатни 35 милиони евра тендери, само од Клиниката за онкологија и радиотерапија. Веледрогеријата Пановски, инаку блиска до Венко Филипче, секоја година само од Онкологија земала над 12 милиони евра годишно”, стои во соопштението.
Секоја година, велат од владеачката партија, првите два до три месеци, има недостаток на терапија за лицата болни од рак, а токму истата веледрогерија секоја година набавува лекови по екстремно високи цени, знаејќи дека луѓето кои се тешко болни, ќе мораат да ги набават овие лекови за тие цени.
„Мафија на смртта не е само политички термин, туку реалност која ги уништува животите на македонските семејства веќе три децении. Со тоа што Филипче, преку СДС, ја брани веледрогеријата Пановски, се поставуваат неколку прашања:
1. Дали оваа вештачка криза се создава само за да се купуваат лекови по енормно високи цени од веледрогеријата Пановски?
2. Дали Венко Филипче мора да одговори дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата и дали тој стои зад истата?
3. Колкави се вистинските екстра заработки на фармацевтската мафија?
4. Кој профитира на страдањата на болните”, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ и ја повикуваат
јавната обвинителка и целокупниот правосуден систем, да преземат итни и решителни мерки за да се стави крај на оваа долгогодишна неправда.
„Овие луѓе во корелација, тргуваат со животите на луѓето и мора да бидат изнесени пред правдата. Не смееме да дозволиме, овие луѓе да си играат со животите на граѓаните и да се богатат врз здравјето на истите”, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.