Струмичани се здружуваат со слоганот „Забрането дишење“, и одат на марш поради загадувањето
Организацијата „Здрава котлина“ организира протестен марш во сабота на 1 февруари во Струмица, поради енормно високото загадување.
Во повикот стои:
„На 1ви февруари (сабота) со почеток во 11:00 часот ќе одржиме протестен марш низ улиците на Струмица како израз на граѓанско незадоволство од упорното нерешавање на проблемот со воздушното загадување во Струмичката котлина што га истопори Струмица на 7мо место најзагаден град во Европа.
Место на собирање е во паркот кај Дом на АРМ и од таму по улицата 24 Октомври почнуваме да се движиме покрај Комуналец, продолжуваме на улица Младинска кај болницата до кружниот тек кај Мавровка, па по улица Гоце Делчев до кружниот тек кај поштата, а потоа по булевар Гоце Делчев до раскрсницата кај Глобал, па продолжуваме по булевар Ленинова покрај Основен суд Струмица и маршот ќе го завршиме пред зградата на општина Струмица кај канцелариите на инспекциските служби.
Таму ќе се обратиме на јавноста за нашите пораки и барања до локалната и централната власт. Ќе ги посочиме нештата што мора да се променат и во името на сите вас ќе искажеме конкретни и прецизни мерки од кои ќе нема отстапување.
Пресудно е да се врши јавен притисок и тоа е најефективно во отсуство на резултати кои со години ги чекаме да ситигнат. Она што досега добивме се полни болници и жални вести. Струмица не смее да остане 7ми најзагаден град во Европа и токму тоа зависи од сите нас! Ова е исклучиво граѓански протест и секакво јавно истакнато партиско одбележје или симбол ќе биде отстрането од страна на редарите“.