(Видео) „Прошка нема!“ – гнев и тага на собирот за Фросина
„Секој еден може да е следен“, „Убијци“, „Системски промени“, „Правда за Фросина“, „Бараме правда“. Ова се само дел од сканираните пароли на протестот во Скопје преку кој се бара одговорност од возачот Васил Јованов кој на пешачки ја усмрти Фросина Кулакова. „Прошка нема, правда мора да има, време е“, „Доживотен затвор“, „Корумпирани родители – деца убијци“, „Доживотен затвор“ – беа пораките од транспарентите.
По собирот кај Универзална сала, граѓаните во тишина се упатија кон Собранието, каде што таткото на Фросина обрати и порака до јавноста.
„Ова што ни се случува најблизу може да се објасни како непомирлив судир меѓу два различни вредности, цивилизациски концепти. Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила, базирани врз цивилизациски коректни начела, каде што децата се учат во домовите, во школите, во црквите. И затоа некои од нив заради таквиот хуманистички пристап стануваат херои на нашето време. Дозволете ми, Фросина да ја сместам во тие херои на нашето време. Девојче за пример, врвен интелектуалец за своите години, врвен дизајнер. Светските врати и беа отворени, изминатите четири години, еднаш годишно одеше во Париз, сега ја усмртува баш кога си уплаќа за четвртиот пат да оди во Париз на модна ревија. Другите, оние кои се задоени со чемерот на антисистемот, претварајќи се во наркодилери, насилници, убијци, заедно со тешко потплатени судии, обвинители и други, кои што судии, обвинители, проценители, извршители направија балкански дуќани, друштва за наддавање како аукциски куќи, кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“, рече Кулаков.
Во знак на почит кон Фросина, насобраните неколку минути молчеа, додека небото беше осветлено од блицевите на нивните телефони – симбол на надеж, но и на аларм кој треба да го разбуди општеството.