(Видео) Не му успеа обидот на Палевски: обвинителката останува, судењата продолжуваат со прикажување снимки
Обвинетиот за грозоморните убиства на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо, не го доби побараното изземање на обвинителката Жаклина Крстевска- Јосифовска и Обвинителството во Скопје. Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски го одбил. Со ова му пропадна обидот на Палевски кој можеше да донесе одолговлекување на постапката.
Обвинителката Жаклина Крстевска- Јосифовска се појави на денешното судење кое ќе се одржи, а на кое треба да се презентираат нови снимки од дејствијата кои ги преземале Палевски и групата обвинети.
Претходно, Палевски побара изземање на Обвинителството и обвинителката со тврдење дека фалсификувала документација од вештачење на телефон. Тој рече дека наделжната обвинителка Јосифовска иако ги знаела фактите, без да го вештачи телефонот на сведокот, го предложила за да каже лаги на суд. Тој ја обвини и дека намерно не проверила дали некој друг од обвинетите (Боре Видевски) поседувал оружје, кое го искористил за двојното убиство.
Обвинителката кажа дека Палевски кажува неосновани наводи.
„Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани, изјави Крстевска-Јосифовска.