Нема договор за минимална плата
Денешниот состанок во Владата заврши без епилог за минимална плата, изјавија по средбата од Организацијата на работодавачите
На средбата се официјализирал предлогот да има официјална потрошувачка кошница, која ќе биде формирана од синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи и Министерствата за економија и финансии.
Претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска рече дека се говорело на неколку теми, меѓу кои беше отворена и таа за минималната плата, но останало само на дискусија, без ставови и заклучоци.
„Сметаме дека официјална потрошувачка кошница ќе биде една официјална и институционална потрошувачка кошница која ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни за една кошничка“, вели Трајкоска.
Европската комисија инаку нема директива по однос на потрошувачката кошница, во секоја држава во регионот и во ЕУ има и синдикална и кошница која ја формираат институциите.
„Тие се разликуваат драстично. Синдикалните се двапати поголеми од државните“, рече Трајкоска која очекува телото што ќе ја дефинира официјалната потрошувачка кошница да се формира на следната седница на Економско-социјалниот совет.
Синдикатите бараат минималната плата од најмалку 450 евра, работодавачите би прифатиле ако Владата субвенционира дел од придонесите.