Македонија

Ќе треба да враќаме долг од 50 милиони евра и камати, по одлуката на Уставен суд; Апасиев: Слуги на олигархијата!

Од денес државата е должна нови 50 милиони евра кои вкупно 156 компании ги уплатија во Буџетот на име на Законот за солидарен данок кој Устаен суд го поништи. Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок. По гласањето на судиите, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека компаниите сега ќе можат во рок од пет години, доколку сметаат дека им биле повредени правата, да бараат да им бидат вратени парите.

„Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Правната сигурност на субјектите. Тие мора да имаат фундаментални принципи на владеењето на правото се правната предвидливо и правната сигурност. Субјектите во правото мора да знаат што ги чека. Не може во сред игра да им ги менуваш правилата за игра. Кога владее правото ти знаеш што те очекува. Дека оваа година на толку остварен профит толку данок ќе платам. Во услови на немилосрдна борба за привлекување на странски инвестиции каква порака се праќа до економските субјекти дека државата може по потреба и кога ќе и текне да воведе данок. Овој пат за солидарност, утре за нешто друго. Таа тежина на повредата и ретроактивното дејство беше клучно за одлуката да биде поништувачката“, објасни Костадиновски.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска остро го критикуваше Уставниот суд.

„Уставниот суд, на веќе пресудена работа, спротивно на темелните вредности на Уставот, го укина единствениот добар закон донесен од минатата власт, а тоа е ДАНОКОТ НА СОЛИДАРНОСТ (со кој се даночеа екстрапрофитите на најбогатите компании кои не испокрадоа за време на Ковид кризата)! Со тоа, Уставниот суд (кој, патем речено, пресуди дека е уставно работниците да работат 72, наместо 40 часа неделно) по којзнае кој пат докажа дека нема никаква правна експертиза и е обичен СЛУГА НА ОЛИГАРХИЈАТА и на богатите, а против концептот на “социјална држава”, пишува Апасиев во коментарот.

Стопанската комора ја поздрави денешната одлука на Уставниот суд да се поништи Законот за солидарен данок. Од Стопанската комора велат дека ќе разговараат со фирмите, од кои поголемиот дел се нивни членки, дали ќе бараат и камата на парите, на што имаат право.
Законот за солидарен данок Собранието го донесе во септември 2023-та година, по скратена постапка, со европско знаменце. Стопанската Комора по еден месец од донесување на законот поднесе иницијатива за разгледување на неговата уставност.

На почеток