„Цениме дека треба да се удри во чело“ – иницијатива за разрешување на членовите од Судски совет поднесуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ
Иницијатива за разрешување на Судскиот совет, односно членовите поднесуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ до Собранието. Ова го објави премиерот Христијан Мицкоски, според кого, телото е главно упориште на корупцијата. Ова доаѓа откако граѓаните излегоа на улиците бунтувајќи се против системот, а по прегазувањето на Фросина Кулакова на пешачки премин од страна на Васил Јованов.
„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!“, напиша Мицкоски.
„Во изминативе месеци се запознавав детално со начинот на функционриање, избор и институционалната мерија и сето тоа што е поврзано со судско-обвинителскиот систем во државата. Кога не знам, се трудам да учам. Заедно со министерот, со сите луѓе кои работат во Министерството за правда, пратениците, анализираме. И споделуваме искуства, бараме решенија. Не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задовлни како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас. Ние не можеме да направиме целосно распуштање или ниту можеме за кратко време да ги најдеме аномалиите. Но можеме да избереме судски совет кој ќе биде своевиден монитор како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки. Цениме дека треба да се удри во чело, а не да правиме импланти. Тоа подразбира дека се што е под ингеренции на Парламентот, таму каде се бираат, таму да се изгласа интерпелација. Тие можат да останат во Судскиот совет. Но ако ти водиш инает а ти изгласале интерпелација – не е добро. Тогаш имаме други алатки“, додаде Мицкоски.