Во Судски совет изненадени од иницијативата за нивно разрешување
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, од медиумите слушнал дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на ова судско тело.
„Првпат од вас чув. Повеќе пати имам дадено изјави. Единствено место каде тоа може да се случи е во Судскиот совет. Имам и претходно кажано, работиме сите согласно закон и Устав. Немам причина да се сомневам дека Собранието и Владата работат според тие принципи. Иницијативи до Собранието можат да се поднесуваат, секој има право“, рече Камбовски.
Тој рече дека не сака да шпекулира на темата „што доколку ги разрешат“ членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.