Филипче: Консензус а не нова партизација и окупација со смена на Судскиот совет од власта
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на ФБ излезе со реакција по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе достават иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет кои се избрани од Парламентот.
,,Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смееме да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од страна на власта.
СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери“, напиша Филипче.