Пред пратениците можност за намалување на патните трошоци; „Земаат вртоглави суми, а не донираат за болни дечиња“, пишува доктор Лазаров


Пратеникот Димитар Апасиев од Левица објави дека денеска е денот „Д“ за ограничување на патните трошоци кои ги земаат пратениците, а докторот Ненад Лазаров објави дека досега ниту еден пратеник не донирал пари за лекување на деца преку платформата „ECrowd.mk“. Двете работи се врзуваат со тема која со години ја фрустрира јавноста, со оглед дека илјадници евра народни пари се исплаќаат за народните избраници да можат да одат од дома до работа и назад.
„Според сегашната манипулативна методологија, за секои извозени 100 km пратениците наплаќаат по околу 1.700 денари на име “ПАТНИ ТРОШОЦИ” + патарини. Ние предлагаме овој трошок да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 km (што би било околу 500 денари). Денес е денот Д. Да видиме како ќе се изјаснат пратениците на пленарната седница закажана во 11:00 часот…“, напиша Апасиев.
Вчера пак, докторот Ненад Лазаров ги просва пратениците за кои рече дека земаат вртоглави суми за патни трошоци, дали им е брука да вртат глава на страна кога има апели за помош.
„Ниеден пратеник од Собрание на Република Северна Македонија до сега нема донирано за болните дечиња за кои Фондација ECrowd.mk се бори заедно со родителите и народов! Гледам сега вртоглави суми за патни трошоци се земаат и понатака, добро бе, нели ви е само малку барем срам на сите до еден, познати и непознати, илјадници евра да искеширате, нели ви е брука глава да вртите на апели за помош? 4 години возиме бесплатни домашни посети низ Скопје, исто така еден денар поддршка и помош, 5 литри бензин да помогневте и 2 завои, каква ви е таа душа а сигурно секојдневно ги гледате апелите за донации? И треба ли од такви ко вас да очекуваме дека за народ се грижите? Јас ќе ви кажам, срам ми е од секој еден од вас“, напиша Лазаров.
