16 повредени од Кочани се праќаат дома, четири се критично – сега е фазата на инфекции, рече Таравари


16 лица од повредените во Кочани, ќе се пуштат на домашно лекување, додека 30 пациенти ќе останат на лекување во скопските клиники. Ова го соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари, кој најави и враќање на осум пациенти кои се лекуваат во странство. Тој рече дека во Македонија, ќе бидат сместени во домашните клиники, па за ден два ќе бидат пуштени дома.
„Четиири пациенти се покритични. Вчера беа пет, денес, се четири. Во фаза сме на инфекции кои можат да се јавуваат кај изгореници од трет и четврти степен. Се надеваме на најдоброто, колегите даваат максимум“, рече Таравари.
Тој рече дека во следните две недели, очекувањата се да се вратат барем половина од 115-те пациенти кои се лекуваат во странство.
„На некои пациенти ќе им треба рехабилитација со недели, а на некои со месеци. Размислуваме кои се можните опции“, рече Таравари, прашан, како ќе се третираат пациентите на кои треба постојано да им се прават преврски на изгорениците.
