Македонија

Се зголемува дупката во пензискиот систем, потребни реформи

Средствата што државата ги дава за Фондот за пензискo и инвалидско осигурување за редовна исплата на пензиите постојано се зголемуваат, иако податоците покажуваат дека низ годините се зголемува бројот на корисници на пензија, но и бројот на вработени. Експертите предупредуваат дека се неопходни реформи за постигнување одржливост на пензискиот систем, нешто на што работи и Министерството за труд и социјална политика. Некои од нив сметаат дека е потребно зголемување на старосната граница, но во комбинација со минимално зголемување на процентот за придонеси. Иако неодамна имаше информации дека бизнис-заедницата ќе бара зголемување на старосната граница за пензионирање, од МТСП се децидни дека не размислуваат за таква мерка.

– Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа. Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање, велат од Министерството.

Во прилог на тврдењата дека постојано се зголемуваат  средствата од буџетот за ПИОМ одат и податоците на предложениот буџетски ребаланс  за годинава, согласно кој, како што посочуваат од Владата, е предвидено алоцирање дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на правото на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот врз основа на невработеност.

Ако се погледнат податоците од Фондот за ПИОМ, на пример, во 2011 година изворни биле 61,5 отсто од приходите, во кои најголем дел отпаѓале на придонесите, а 35,7 отсто биле директна поддршка од буџетот.  Тогаш вкупните приходи биле приближно 44 милијарди денари. За разлика од тогаш, податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2017 година, изворни приходи на Фондот биле 54,52 отсто, а тој се надополнува со 43,57 отсто средства од буџетот. Висината на приходите лани била 65 милијарди денари.

Споредените години, според податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека во 2011 година имало околу 642 илјади вработени лица, а во 2017 околу 730 илјади вработени. Податоците на ПИОМ покажуваат дека во 2011 година има 281 илјада корисници на пензии, а 2017 година 312.398 корисници на пензија.

Се гледа дека има зголемување на пензионерите, но се зголемува и бројот на вработени. Тогаш се поставува прашањето од каде се јавува потребата за повеќе средства како буџетска поддршка за исплата на пензии, дали се должи на зголемувањето на пензиите или на помала наплата на средства од придонеси.

Секако мора да се забележи и податокот дека голем дел средства од придонесите се издвојуваат и за таканаречениот втор пензиски столб, иако од него сѐ уште не се исплаќаат пензии, а првиот помасовен бран пензионирања се очекува околу 2025-2030 година. Од придонесите за ПИОМ што изнесуваат 18 проценти, 12 се во ПИОМ, а шест во приватните пензиски друштва.

Во моментов за 2018 година 6,5 милијарди денари одат во овие две пензиски друштва на годишно ниво. Според податоците на МАПАС, во нив има 500 илјади члена, а вкупните средства што во овие две пензиски друштва се акумулирани од нивното формирање досега изнесуваат околу една милијарда евра.

Проблем за ПИОМ да може да собира доволно средства од придонеси на вработените е и постојаното стареење на населението, но и иселувањето на младите од земјава. Иако се шпекулира за голема бројка иселени од Македонија, ниту една државна институција нема точна бројка колку навистина се заминати.

Во првото тримесечје од земјава статистика објави податок дека првпат во историјата на следење на статистичките податоци во РМ бројот на умрени стана поголем од бројот на родени.

За овој податок во интервју за МИА објавено пред неколку месеци директорот на ДЗС, Апостол Симовски, рече дека е очекувана последица.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток