Безизлезен и се позамрсен станува случајот околу изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“, во Аеродром. Додека градоначалникот Златко Марин вели „општината нема солуции“, а инвеститорот Фатми Етеми – сосема легитимно, со документи и дозвола за градба – потенцира оти ништо не го спречува да продолжи, на граѓаните им се сервира одлуката на Уставниот суд како единствен спас. А таа се очекува во среда, кога оваа точка е ставена на дневен ред на седница.
Префрлањето на топката кај уставните судии нагласено го прави токму Марин, кој во своето последно интервју, се правда дека општината ќе крахира ако се доведе во ситуација да треба да му плати оштета на Етеми.
-Инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. За илустрација, Општина Аеродром во моментов има на располагање околу четири милиони и 800.000 евра, а нашиот основен буџет за цела 2018 година изнесува околу девет милиони евра. Ова би значело комплетен крах на буџетот на Општина Аеродром и огромни штети за граѓаните, вели Марин во интервју за локалната телевизија МТМ.
Марин се ослободи себе си и од товарот на вина, па одговорноста што работите стигнале до тука, ја префрли и врз јавноста: требала да биде позаинтересирана кога тој апелирал да не се носи ДУП-от, за време на борбата за градоначалничка фотеља.
-Сакам да потенцирам, вопшто не е точно дека не се бара решение, напротив, направивме многу да најдеме решение. Го бараме сега, но и апелиравме да не се носи ДУП за да не се донесеме во оваа позиција. Тогаш, за жал, јавноста не покажа интерес за оваа тема како сега, нагласува Марин.
Инаку од досегашната пракса на Уставниот суд не може да се каже дека многу може да се направи во насока на спас на зеленилото кај „Мајчин дом“. Особено ако се знае дека инвеститорот настапува целосно правно регуларно, односно законски.
Марин тврдеше дека барале алтернативно земјиште во општината каде Етеми би можел да гради, откако пред неколку недели граѓаните остро, на протести, се спротивставија на стартот на никнувањето на деветкатницата. Друга парцела не беше најдена. Етеми имаше и средба со граѓаните во обид да ги убеди, но бесцелно. Аеродромци не отстапуваат. Но ниту инвеститорот.
А Марин сета одговорност ја префрли кај минатото раководство од ВМРО ДПМНЕ, и в среда кај Уставните судии.
Како ќе го спаси Уставен суд зеленилото кај „Мајчин дом“?
Од
Објавено на