Македонија

Ексградоначалникот на Кавадарци под истрага за монети, но вели дека е со чиста совест

Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Александар Панов под истрага за поседување монети пронајдени на археолошки локалитети во земјава. Велешкото обвинителство во соработка со полицијата од Велес и Кавадарци утринава направиле претрес во домот на Панов и неговите родители под сомнение дека поседува над 1.000 монети со археолошка вредност.
По направениот претрес, одземени се неколку колекции монети за дополнителни испитувања. За нивното потекло, кавадаречката полиција два часа го распрашувала Панов. По дадениот исказ, екс градоначалникот на Кавадарци заминал дома.

Во разговор за ,,Фокус” тој ја демантира веста која што денес е актуелна за него, и вели дека моментално се наоѓа дома, со чиста совест.

-Ниту сум уапсен, ниту сум имал некакви антиквитети. Денес полицијата дојде кај мене дома на претрес, ја одзедоа мојата колекција со монети која ја имам повеќе од 40 години. Станува збор за редовна процедура, монетите се на увид, а кога ќе се потврди она што го кажувам, дека не се работи за антика или за нешто противзаконски, ќе ми бидат вратени назад. Ова го зборувам со сигурност поради тоа што не ми е прв пат. Истиот случај го имав и пред неколку години. Бев пријавен, имав кривична пријава, лицето падна на суд. Монетите, односно оваа моја нова колекција ми беше вратена назад. Собирањето на монети е моја голема страст која што започна уште многу одамна. Татко ми беше шофер, ми носеше разни монети дома од секое патување, па така и јас станав колекционер. Сите приказни за моја поврзаност со Паско Кузман паѓаат во вода, јас човекот сум го видел само еднаш во животот – раскажува Панов.

На почеток