Адвокатот Саша Андоновски вели дека „нешто смрди во целата работа“, откако во јавност се појави снимка на која се слуша како Боки 13 му вели на Орце Камчев дека ќе биде ослободен од притвор, односно дека Катица Јанева ќе помогне за тоа. Тој вели дека не брани никого, но констатира дека торбите со кои Кичеец и Боки 13 заминуваат од куќата, не се истите со оние во кои се снимени парите претходно.
„Однапред да кажам, никого не бранам ниту напаѓам. Само констатирам од она што можам да го видам со свои очи на видео-снимката: 1. Не се гледа лик на ниту еден заедно со парите; 2. Торбата во која се банкнотите по 50 евра не одговара на торбите со кои Боки 13 и Кичеец ја напуштаат куќата; 3. Дека се работи за 1.000.000 евра се гледа само од списокот напишан на рака (да се пронајде и да се вештачи ракописот) 4. Говорниот дел на снимката не може да се поврзи со моментот на броење на парите, бидејќи нема видео запис од говорот, туку само аудио (значи може да е снимено во друг момент, а не во критичниот) 5. Во говорниот дел од снимката не се спомнуваат пари, туку само (многу неуко и нестручно објаснет) моментот на „ослободување“; 6. Не сваќам од што ќе ги „ослободи“ Катица, кога веќе „ги ослободи“ Врховен суд
7. Од кога тоа обвинител ослободува?? НЕШТО СМРДИ ВО ЦЕЛАВА РАБОТА“ пишува адвокатот Андоновски.