Српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи ги условите на опозицијата во земјата за да не ги бојкотира изборите, изнесени на разговорите се претставниците на Европскиот парламент Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, изјави дека опозицијата го сонува македонското сценарио и дека се молат на бога дека исто како Боки 13 ќе носат торби со милиони евра кои ќе ги делат со обвинителите, чарлиевите ангели кои ќе ги постават заедно со странците, објави МИА.
„Тоа нема да се случи во Слободна Србија, денешна Србија“, вели Вучиќ за весникот Политика додавајќи дека изборните правила ги направила Демократската партија (ДС) со „нејзините сателити“. Тој истакна дека и покрај тоа „поранешниот режим прави се за да се интернационализира таканаречениот проблем со демократијата во Србија од едноставна причина што не може да се потпре на поддршката на граѓаните кои немаат доверба во нив“, вели Вучиќ.
Според Вучиќ, партијата која ја води „секогаш била подготвена за дијалог, но никогаш за диктати (од опозицискиот Сојуз за Србија), како и од меѓународните претставници.“
– Тие фантазираат за формирање на преодни влади, за доаѓање на власт без избори, без одлука на парламентарното мнозинство, некако октроисани од меѓународниот фактор. Србија е суверена земја и за таквите глупости можат само да ги сонуваат, а на власт ќе дојдат само кога ќе добијат мнозинската доверба на народот – посочи Вучиќ за „Политика“.
Во делот во кој се разговара за доаѓање на гостите кои имаат идеи за српските избори, Вучиќ рече дека „Србија е отворена земја, но исто така и независна и суверена“.