Македонија

Заев: Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН, имаме исклучително добри односи со Грција, и сериозно подобрена билатералната соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев одржа поздравен говор на конференцијата Самит на Западен Балкан – “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција”, во организација на угледниот магазин „Економист“.

Премиерот Заев, на конференцијата на која учествуваат голем број гости од земјата, регионот и светот, говореше на темата „Стабилност и раст во Југоисточна Европа – дали сме на вистинскиот пат?“.

„Денес стојам пред вас среќен што ги гледам сите овие лица во исчекување на добри вести! И денес сакам да зборувам токму за важноста на добрите вести.Очекување на добра вест нè држи во состојба на исчекување, доза на страв и воедно надеж.  Помислете колку е убав моментот кога ќе чуете добра вест. Како мало дете кога ќе слушне дека ќе оди на одмор со мама и тато. Кога студент ќе добие добри вести за испит. Кога брачен пар дознава дека очекува дете. Добрите вести се нова енергија и нов живот. Во мандатот на оваа Влада имав чест да објавам повеќе добри вести. Една од најдобрите беше решавањето на спорот помеѓу Република Северна Македонија и Грција. Секогаш ќе се сеќавам на 17 јуни во Преспа кога заедно со Алексис Ципрас кренавме раце како вистински партнери и пријатели кои им соопштуваат добри вести на своите држави. Оваа година во февруари стапи на сила Договорот од Преспа, со што се реши 27 годишниот спор што го имавме со Грција. Билатералниот спор имаше сериозни негативни импликации, регионални и мултилатерални, и за жал стана познат во целиот свет како тежок нерешлив проблем. Денес ги собираме плодовите од решениот спор. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и сериозно подобрена билатералната соработка. Со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан. Веруваме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања. Секој проблем е различен и специфичен, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како лидери на своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите“, истакна Заев..

„Ние ја прогласивме 2019 за година на економијата за Република Северна Македонија, и истото ќе продолжи во 2020 година. Уште во 2018 година видовме економски напредок, затоа што го достигнавме највисокото ниво на странски директни инвестиции во изминатите десет години – 624 милиони евра. Индустриското производство во државата се зголеми за 8% откако оваа Влада стапи на власт, и продолжува да расте. Успеавме да ја намалиме невработеноста и таа во моментов е на историски на 17.5% со индикација дека ќе оди надолу. Растот на бруто-домашниот производ во првата половина од годината е 3,6% и очекуваме негово зголемување годинава. Ова е Влада која се грижи за сограѓаните во незавидна положба, за ранливите и за оние на кои им е потребен ветар во грб и подадена рака. Се зголемија социјалните трансфери и се подобрува целокупниот систем на социјална грижа за секој да има шанса за напредок. Оваа Влада исто така го гледа приватниот сектор за свој партнер. Бизнисот и приватниот сектор во оваа држава се малите и средни претпријатија, семејни бизниси, претприемачи кои низ овој долгогодишен и макотрпен транзициски процес за државата изградија брендови и продукти со кои се гордееме“, додаде премиерот.

 

 

На почеток