Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги предупреди демократите да не го користат мнозинството кое го освоија во Претставничкиот дом за да ја истражуваат неговата администрација.
Тој наведе дека ако го сторат тоа, тогаш Сенатот кој го контролираат републканците ќе ги истражува демократите.
Демократската партија, која на вчерашните избори освои мнозинство во Претставничкиот дом, ќе има овластувања да отвора истраги и да испраќа судски покани.
Трамп порача дека доколку демократите планираат да ги фрлаат парите на даночните обврзници на истраги во Претставничкиот дом тогаш републиканците ќе бидат принудени да отворат истраги против нив поради протекување на доверливи податоци и уште многу други работи на ниво на Сенатот.
Трамп порача дека двајца може да ја играат таа игра. Според „Асошиејтед прес“ не е јасно за какво протекување на доверливи информации мислел Трамп.