Македонија

Детектор: Речиси 40% од граѓаните го поддржуваат Договорот со Бугарија

Безмалку 40% од граѓаните го поддржуваат Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, покажува последното истражување на јавното мислење кое по нарачка на Детектор го  спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) . Според него, поддршка на Договорот со официјална Софија даваат 39,6% од анкетираните
додека 31,2% се противат. 13,7% од граѓаните велат дека не слушнале за Договорот, додека 15,6% немаат одговор.

Во споредба со анкетата која по нарачка на Детектор, ИПИС ја спроведе во февруари годинава, се бележи намалување и на поддршката и на противниците, за сметка на бројот
на индиферентни граѓани кои или не слушнале за договор или пак немаат одговор. Па така, од 48,7% колку што давале поддршка во Февруари, сега таа е намалена на 39,6%, а
противниците од 36% во февруари исто така се спуштиле на 31,2% во последното истражување на јавното мислење.
Треба да се има предвид дека анкетата е спроведена на почетокот на месецов, односно уште пред Бугарија да го испорача својот последен сет услови во рамките на т.н. „Рамковна позиција“ што се очекува дополнително да влијае на резултатите.

41,9% од анкетираните очекуваат Договорот да ги унапреди односите со Бугарија. 28,5% се убедени во противното додека 29,7% од анкетираните немаат одговор на ова прашање.
Во споредба со претходната анкета спроведена во февруари, има значително намалување на бројот на граѓани кои очекуваат унапредување на односите меѓу двете земји по склучувањето на Договорот. Имено, во Февруари 55,4% од граѓаните очекувале унапредување на односите, наспроти 26,2% кои биле убедени во спротивното, а 18,4% немале одговор.
41% од граѓаните очекуваат Договорот со Бугарија да придонесе во македонските ЕУ интеграции.
27,5% не очекуваат придонес додека 31,6% немаат одговор.
Во врска со компромисите кои мораше да се направат за да биде склучен Договорот за добрососедство граѓаните најмногу се противат на ревизијата на учебниците. 49% од
анкетираните сметаат дека овој компромис е неприфатлив, што е зголемување за речиси 3 процентни поени во однос на февруарската анкета кога против овој компромис беа 46,1% од
анкетираните.
Наспроти ова, за 24,6% од граѓаните ревизијата на учебниците е прифатлива. Тоа е за 4 процентни поени помала бројка во однос на онаа од 30,6% анкетирани, колку што се изјасниле дека овој компромис е прифатлив во февруарската анкета.
26,4% од граѓаните немаат одговор на ова прашање.
46,7% од граѓаните сметаат дека компромисот, Македонија да гарантира дека нема да се залага за  правата на Македонското малцинство во Бугарија е неприфатлив, додека 27% од граѓаните се убедени во спротивното, а 26,2% немаат одговор.

Во споредба со истражувањето спроведено во февруари годинава, бројот на граѓани кои сметаат дека откажувањето од борбата за правата на Македонското малцинство во Бугарија е
неприфатлив компромис се намалил. Во февруари, се противеле 49,1% од анкетираните или речиси 2,5 процентни поени повеќе од истражувањето спроведено на почетокот на овој месец.
1,5 процентни поени раст бележи и бројот на граѓани кои сметаат дека овој компромис е прифатлив, ако се има предвид дека во февруари, за овој компромис поддршка давале 25,2% од анкетираните.

Речи си и да нема промени кога станува збор за ставот на граѓаните во последните 8 месеци околу заедничката прослава на настани и личности со соседна Бугарија.
И во Февруари и сега, за околу 41,5% од граѓаните овој компромис останува неприфатлив.
Благо намалување за 3,5 процентни поени бележи бројот на анкетирани за кои овој компромис е прифатлив. Од 36,1% во февруари бројот на граѓани кои се подготвени да го прифатат
компромисот паднал на 32,5%.

25,9% од анкетираните останаа без одговор.
Речиси една третина од граѓаните според анкетата на ИПИС имаат донекаде позитивно мислење за соседна Бугарија. За ваков одговор се определиле 30,3% од анкетираните. 22,3% имаат позитивно мислење, 18,6% донекаде негативно а 15,5% негативно лично мислење за источниот сосед.
Во споредба со анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во Февруари, нема значителни промени во личните ставови на граѓаните.

На почеток