Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Париз оствари средба со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји, стратешките определби на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО, регионалните прашања и проширувањето на ЕУ.
По средбата, претседателот Пендаровски изјави дека разговорот со претседателот Макрон бил отворен, динамичен и ги слушнал аргументите на претседателот Макрон кои стоеја позади неговата одлука на 18-ти минатиот месец да се одложи давањето преговори на нашата земја.
„Разговорот беше прилично отворен и динамичен. Ги слушнав аргументите на претседателот Макрон за неговата одлука минатиот месец,за да се одложи давањето преговори на нашата земја, а јас од моја страна ги изложив моите аргументи. Сега може да зборуваме за расчистена ситуација по неколку битни точки. Прво Претседателот макрон започнал со расчитување на неговата методологија, која смета дека најдоцна треба да биде усвоена до март“, истакна Пендаровски.
Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Тие имаат предложено „нон-пејпер“ до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец, два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март, додаде Пендаровски по средбата со шефот на француската држава.
Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.
– Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ и треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методолгијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно“, му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.
Во рамките на посетата на претседателот Пендаровски и делегацијата на Париз, советниците на претседателот за надворешна политика и национална безбедност, амбасадор Гоце Карајанов, д-р Александар Љ. Спасов и Блерим Кољали остварија средба со советниците за надворешна политика на претседателот Макрон, Клемен Бон и Александре Адам на којашто разменија мислења и информации за евроинтегративниот процес, регионалната соработка и билатералните односи меѓу двете држави, со цел интензивирање на комуникацијата меѓу двата Кабинета.