Коментари

„Невините“ од ДПМНЕ-то бегаат од докажувањето на „невиноста“

Пишува: Темелко Ристески, универзитетски професор

Виноста или невиноста на лица за сторени кривични дела се утврдуваат во судска постапка.

Читам: рочиштето за „Космос“ и денес е одложено. Причина: болест на една од обвинетите. Проверувам во историјатот на ова рочиште. Гледам бројни одлагања: не дошол адвокат, не дошол обвинет, немало решение од Врховен за изземање на судија, откажување на полномошно на адвокат Македонец и давање на друг – Албанец, барање на превод на документацијата на целиот предмет и што уште не.

Рочиштето за предметот „Траекторија“ поради бројни одлагање од исти или слични причини се влечкало скоро две години и предметот уште не е пресуден. Конечно: гонењето против обвинетиот Груевски (сега „бегалка“ кај „брат му“ Орбан) во тој предмет застарува. Обвинителот кривичното делото го квалификувал со поблага квалификација во однос на делата на другите сообвинети. Обвинението против него поради основано сомнение дека со извршувањето на кривичното дело си инкасирал петнаесет милиони евра паѓа во вода.

Не само овие предмети, туку и другите предмети по обвиненија на Специјалното јавно обвинителство се влечкаат непресудени по судовите или во истрага кај обвинителството. Причина: бројни одлагања на рочиштата или дејствијата во истрагата поради марифетлуци на обвинетите и нивните адвокати, опструкции и саботажи од „сваровски“ судиите и „зврле“ обвинителите и што уште не.

Судската психологија теориски, а искуството емпириски докажале дека сите обвинети кои себе си се сметаат за невини и се сигурни во тоа, молат и преколнуваат судските постапки што побрзо да се завршат за да си ја „симнат бељата од главата“ и мирно да си живеат. Така се однесуваат и голем број обвинети за лесни кривични дела. Тие ја признаваат вината и често се спогодуваат со правосудните органи за висината на казната. Ако пак не се спогодат, тие бараат постапката што побрзо да се заврши и, по правосилноста на пресудата, да си ја издржат казната или да го платат одредениот износ (кај паричните казни) и да си бидат спокојни.

Обвинетите за тешки кривични дела, во најголем број случаи, изјавуваат дека се невини за стореното и, ако се во власта, блиски до неа, или пак се параллии, упорно се обидуваат да ја „докажат“ читај: да ја купат нивната „невиност.“

„Невините“ од ДПМНЕ-вскта булумента со помош на нивните масно платени адвокати измислуваат и прават безброј марифетлуци за да ги одолговекуваат постапките и да го избегнат докажувањето на „невиноста“ за арамилакот со кој ја олеснија државава и нас граѓаните со пет и кусур милијарди евра. Во тоа им помагаат нивните верни слуги од „сваровски“ судскиот и „зврле“ обвинителскиот потсистем имплантирани во македонското правосудство во текот на единаесет годишното владеење на ДПМНЕ-то. Се надеваат дека ќе ја „докажат“ нивната „невиност“ ако на претстојните предвремени парламентарни избори победи ДПМНЕ-то и дека повторно ќе се качат на пиратскиот брод на арамиската власт за да можат, злоупотребувајќи ја неа, да продолжат да не ограбуваат. Пуста надеж. Таа последна умира, па дури и арамиска да е. Но народот рекол: „Правдата е од бога дадена“. Таа е бавна, но достижна. Ќе ги достигне и арамиите од ДПМНЕ-вската врхушка и нивните слуги. Нејзиниот меч ќе ја пресече нивната „невиност“ за мега грабежот во текот на единаесет годишното владеење – ограбување.

На почеток