Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија.
Почитувани припадници на турската заедница,
Како Претседател на Република Северна Македонија задоволство ми е на сите припадници на турската заедница во Северна Македонија да им го честитам 21 декември – Денот на наставата на турски јазик.
Клучно за развојот на една заедница е правото на квалитетно и функционално образование на мајчин јазик. Државата не смее да прави компромиси и импровизации кога станува збор за ова суштинско прашање кое е толку важно за зачувување на културата и традицијата на помалубројните етнички заедници. И покрај предизвиците во реализацијата на ова право, Северна Македонија е горда што етничките заедници веќе подолго време можат да го користат правото на настава на свој мајчин јазик. Верувам дека секој човек од секоја заедница е подеднакво важен за оваа држава која е заеднички дом за сите нас. Секој човек и секоја заедница, вклучително и турската заедница, е дел од нашиот богат мозаик. Турците од Северна Македонија со своите автентични локални традиции и со својата богата литература и уметност го збогатуваат културниот и општествениот живот на нашата заедничка држава.
Во ова светло, 21 декември – Денот на наставата на турски јазик е еден од оние празници што не потсетуваат за нашето огромно јазично и културно богатство, но и на нашата одговорност истото соодветно да го чуваме, унапредуваме и промовираме за оваа и за идните генерации. Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет.
Честит 21 декември, Ден на наставата на турски јазик!
Стево Пендаровски
Претседател на Република Северна Македонија
