Македонија

(ВИДЕО) Промовирани новиот објект на Полициското одделение Камењане и реновираниот објект на ПС – Тетово

Со желби за здравје, среќа, бериќет и успеси, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од Тетово им ја честита Новата година на граѓаните на Република Северна Македонија, по посетата на новиот објект на Полициското одделение Камењане и реновираниот објект на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај – Тетово.

„Многу сум горд што првиот ден од оваа 2020 година го поминав со колегите од СВР Тетово, посебно затоа што промовравме два нови објекта, едниот во Полициското одделение Камењане, кој е целосно изграден, реконструиран, со целосна инфраструктура, за навистина добри услови за работа за полицајците од Полициското одделение Камењане и, исто така, за поголема безбедност на општината Боговиње, и вториот е овој објект, а тоа е Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Тетово, од кој што еден дел е завршен, и веднаш после празниците продолжуваме со другите проекти, односно целосно воведување на парно греење во објектот и промена на сите внатрешни врати во него“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Тетово не беше реконструирана повеќе од 40 години.

„Затоа, посебна благодарност ќе упатам до началникот на Секторот за внатрешни работи, до командирот на Полициската станица коишто вложија максимални напори за да може да биде реконструиран овој објект. Сакам, исто така да истакнам еден податок, којшто е и една силна порака до сите граѓани – двата објекта, и Полициското одделение Камењане и оваа Полициска станица се реконструирани заедно со средства од МВР и со граѓаните на Тетово и на општина Боговиње.  Значи од општествено-одговорни компании, коишто сакаа да помогнат, да вложат, а кога се вложува во македонската полиција, се вложува во безбедноста и во иднината на државата“, рече Спасовски, честитајќи ја Новата година на сите полициски службеници, со желби за добро здравје, среќа и со порака да бидат професионални како и досега.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите наши полицајци кои беа на работните места и се грижеа за нашата безбедност додека ние прославувавме чекајќи ја Новата година. Задоволство ми е да кажам дека оваа година практично и да немавме никакви безбедносни ризици во новогодишната ноќ, па им честитам и на граѓаните за тоа, бидејќи тоа беше мојот апел и пред празниците“, подвлече Спасовски.

Инаку, двата објекта кои беа денеска промовирани, и Полициското одделение Камењане и  Полициската станица за БСП Тетово – се одраз не само на континуитетот во активностите на МВР за подобрување на материјално-техничките услови за работа на полицијата, туку и доказ за нивното значење во локалната заедница. За потсетување, минатата 2019 година МВР ја заврши со вкупно 43 обновени, изградени или реконструирани објекти за разна намена на повеќе организациони единици при МВР. За реализација на таа листа, што беше креирана врз основа на приоритетни критериуми во кои што на прво место беа токму потребите на граѓаните, и што целосно е реализирана за овие две и пол години, МВР вложи речиси 140 милиони денари од сопствениот буџет.

На почеток