Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, врз основа на член 84 од Уставот, а во согласност со член 43 од Законот за Владата, денеска му го врачи мандатот на Оливер Спасовски.
„Наша задача ќе биде да направиме сè да продолжи државата со напредокот и да овозможиме фер и демократски избори. Сите институции да продолжат со истата динамика со цел да има просперитет за граѓаните на оваа држава“, рече Спасовски.
Врз основа на член 84 алинеа прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со член 43 од Законот за Владата на Република Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство, за мандатор за состав на преодната Влада за спроведување на избори на пратеници, го определувам Оливер Спасовски“, изјави претседателот Пендаровски.
По завршувањето на седницата во Собранието, за избор на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, претседателот Пендаровски во својот Кабинет – Вила Водно, ќе ги прими членовите на новиот состав на Владата.
Претходно, Собранието ја констатира оставката на Зоран Заев од функцијата премиер. Новата техничка влада се очекува да биде изгласана на собраниска седница денеска, најдоцна до полноќ.
ФОТО: Кабинет на претседател