Македонија

(ВИДЕО) Градоначалникот Георгиески, прв скокна на Денот на рибарите

Откако три пати ја испеаја песната „Војордание“  рибарите, но и многу верници денеска се капеа во ладните Езерски води. Првиот скок го направи градоначалникот Константин Георгиески. Охрид празнува и денеска.  По Богојавление денеска во Охрид продолжува да се прославува празникот Свети Јован Крстител.

Како продолжение на веќе воспоставената традиција на тој начин да се одбележува завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест.

Манифестацијата и оваа година предвидува богата културно-забавна програма, со народна музика, греано вино, топла ракија. И оваа година празникот нема да мине без големиот казан и рибната чорба. Во казанот поставен на Градскиот плоштад професорите и учениците на ОУТУ „Ванчо Питошески” почнаа со приготвувањето околу 1,5 тони од тој специјалитет.

За чорбата се обезбедени 400 килограми риба, 70 килограми морков, 20 килограми целер, 25 килограми пашканат, десет килограми кромид, сто литри масло, 60 килограми брашно, како и други намирници и зачини. Планирано е да бидат разделени околу пет илјади порции од чорбата, а дел како и секоја година ќе биде доставен и до социјално ранливите семејства од градот.

За забавата оваа година е задолжен нашиот фолк пејач Миле Кузманоски, кој ќе ги забавува гостите на манифестацијата која веќе е бренд на Охрид.

На почеток