Актуелно

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стрес

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Денес кога сите ние сме преокупирани со заканата од невидливиот непријател – коронавирусот, стануваме свесни дека нашата цивилизација е под удар на уште поопасен непријател – стресот. Негативните емоции почнаа да се шират сразмерно како што се шири ковид-19.

Подложноста на стрес сериозно го поткопува имунитетот, предизвикува пониско ниво на продуктивност и ефикасност и создава емоционална нестабилност и ранливост. Нервозата, стравот и грижата земаат голем дел од нашата енергија и прават да се чувствуваме слаби, апатични и безволни. Кога енергијата ни е потполно блокирана, а самодовербата загубена стануваме лесен плен на надворешни притисоци и манипулации.

Недостигот на физичка активност предизвикува да бидеме троми, уморни, беспомошни и безнадежно ориентирани кон перспективите на иднината. Во една таква ситуација полна со мрачни мисли, егзистенцијална несигурност и емоционална тензија,  современиот човек неминовно се движи кон депресија, страв од болест, немаштија и паника.

Стресот произлезен од неизвесност е исклучително опасен за психофизичката состојба на личноста.

Кога сме константно подложни на стрес и негативни емоции може сериозно да го нарушиме своето здравје. Окупирањето со болести, навраќањето на лошите искуства од минатото, фрустрацијата и себеразјадувањето не можат да донесат ништо добро во животот. Апатијата, песимизмот и негативизмот длабоко ја поткопуваат стабилноста на личноста и ја уништуваат можноста за излез од кризата.

Излезот од проблемите никогаш нè произлегува од малодушноста, несигурноста и очајот туку од борбата, фокусирањето на позитивните можности и храброто соочување со опасноста. Преокупирањето со негативното создава анксиозност, немир и паника.

Постојаното консумирање вести за умрени, заболени, настрадани или загрозени може да создаде голем притисок врз нашите емоции. Опасноста е уште поголема ако станеме жртва на медиумски манипулации, сензационализам  и лажни вести креирани од поединци чија цел е профит, политички интереси или сеење страв и паника кај народот. Морално недоветни, неодговорни и алчни ликови отсекогаш постоеле, така што треба максимално да бидеме внимателни со какви информации го полниме умот и ги оптоваруваме емоциите.

Негативните емоции како што се: страв, гнев, загриженост, вознемиреност, разочараност, фрустрација и депресија создаваат хемиски реакции во нашето тело кои се многу поразлични од хемиските реакции произлезени од позитивните емоции: среќа, радост, задоволство, прифатеност, безгрижност, саканост и опуштеност.

Постои синхроницитет кој се создава во секој момент помеѓу умот и телото.  Според Џое Диспенца: „Мозокот е во постојана комуникација со телото и константно го надгледува начинот на кој се чувствува телото“. Телото неретко ги пројавува своите слабости, но умот е тој кој треба да ги детектира и почувствува тие слабости. Многупати ги игнорираме реалните телесни сигнали (симптоми), сметајќи дека немаме проблем. Но, многу почесто подлегнуваме на неоснован страв од болест (хипохондрија) и си умислуваме опасност за нашето здравје. На медицината и се познати ефектите плацебо и ноцебо – тие зборуваат за моќта на позитивната, односно негативната сугестија.

КОГА КРЕИРАМЕ БЛАГОРОДНИ МИСЛИ ИСПОЛНЕТИ СО ЉУБОВ, ОПТИМИЗАМ И ТОПЛИНА НИЕ ПРОИЗВЕДУВАМЕ ХЕМИСКИ СУПСТАНЦИ КОИ ПРАВАТ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ПРЕКРАСНО, ДА БИДЕМЕ ПОЛНИ СО РАДОСТ И ПОЗИТИВНА ЕНЕРГИЈА. ИСТОТО СЕ СЛУЧУВА КОГА ПРОДУЦИРАМЕ НЕГАТИВНИ МИСЛИ ИСПОЛНЕТИ СО СТРЕС, НЕМИР И ПАНИКА, ТОГАШ ПОЧНУВАМЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ НЕГАТИВНО, НЕТРПЕЛИВО, СЛАБО И УПЛАШЕНО. ТОА УКАЖУВА ДЕКА МИСЛИТЕ И ЧУВСТВАТА СЕ ТЕСНО ПОВРЗАНИ – МИСЛИТЕ СЕ ПРИМАРНО ПОВРЗАНИ СО УМОТ, А ЧУВСТВАТА СЕ ПОВРЗАНИ СО ТЕЛОТО. ЗА ДА ПРОНАЈДЕМЕ ПОЗИТИВНО РЕШЕНИЕ НЕОПХОДНО Е ДА ПОЧНЕМЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ТАКА КАКО ШТО МИСЛИМЕ. ЧУВСТВОТО НА РАДОСТ, СРЕЌА И ХАРМОНИЈА, ПРЕДИЗВИКУВА ПОЗИТИВНИ МИСЛИ ИСПОЛНЕТИ СО РАДОСТ, СРЕЌА И ХАРМОНИЈА И ОБРАТНО. ОД ДРУГА СТРАНА, КОГА СТРЕСОТ ГО ЗАФАЌА НАШЕТО БИТИЕ И ИСПОЛНУВА СО ГРИЖА, СТРАВ И ВОЗНЕМИРЕНОСТ, ТОГАШ НАШЕТО ТЕЛО СТАНУВА ПОДЛОЖНО НА РАЗНИ СЛАБОСТИ И БОЛЕСТИ.

Според Ронда Бирн: „Болеста се задржува во телото со помош на мислите, со опсервација на болеста и со вниманието што и го даваме. Ако се чувствувате малку лошо, не зборувајте за тоа, освен ако не сакате да се чувствувате уште полошо“.

Решението е да се фокусираме на здравјето, а не постојано да стравуваме од болеста. Една од теориите на квантната физика е дека свеста ги создава нашите животни искуства. Од нас зависи дали свеста ќе ја насочиме кон болеста или кон здравјето. Треба да се концентрираме на она што сакаме да го постигнеме, а не на она што сакаме да го избегнеме. Притоа, потребно е само да се придржуваме до препораките искажани од надлежните и да веруваме дека сè ќе биде добро. Слушањето негативни вести, пораки и изјави кои имаат за цел да шират страв и паника нема да ни користат. Создавањето лоши емоции може само да ја зголеми моќта на негативните слики што не ни се допаѓаат. Како размислуваме така привлекуваме. Песимистичкото уверување ќе предизвика околностите да се влошат, а стресот да стане уште посилен.

Причинителот на стресот често произлегува од надворешните влијанија: проблеми во семејството или на работното место; напуштање или губење на блиска личност; исцрпувачка грижа за лице заболено од тешка болест; финансиски тешкотии; застрашувачки информации слушнати на медиум или прочитани на интернет итн. Сите овие ситуации го палат алармот на стресот и создаваат неубаво чувство.

Постојат ситуации кога стресот произлегува од борба за опстанок. Неизвесноста, егзистенцијалната загрозеност и притисоците на работното место создаваат голем стрес и психофизичка напнатост. Неретко причинители на стресот се и грижите за нешта врз кои не можеме да влијаеме. Стресот произлегува и од ментална исцрпеност и претерана работа. Тој може да влијае врз сите аспекти на нашиот живот вклучувајќи комуникација со другите луѓе, психичка состојба, физичко здравје, емоционални односи итн.

Кога сме под хроничен стрес чувствуваме физичка, ментална и социјална дисхармонија. Некои личности умеат да се справат со стресните ситуации и притисоци, додека други не можат да го издржат товарот на стресогено условената емоционална и психичка напнатост и се разболуваат.

Долготрајниот стрес предизвикува сериозни здравствени последици, од замор, депресија, анксиозност, панични напади, заборавање и мачнина, па до проблеми со стомакот, кожата, косата и крвниот притисок. Одредени научници сметаат дека стресот  е одговорен за 90% од болестите, вклучувајќи ги срцевите болести, ракот, дијабетесот и сексуалната дисфункција. Акутниот стресоген фактор влијае врз имунитетот, па може да создаде разни инфективни болести, како што се грип и настинки.Кога поединецот е во стресна ситуација се активира хормонот на стрес (кортизол) кој го исклучува имуниот систем за да ја сочува енергијата на телото за борба или бегство. Неразрешениот стрес доведува до опаѓање на имунитетот поради што нашето тело тешко се бори против бактериите и вирусите и губи отпорност кон нив.

Што треба да направиме за да го надминеме стресот?

Едни од најдобрите начини за намалување на влијанието на стресот е почесто да престојуваме на сонце и во природа; да слушаме пријатна смирувачка музика; да се одмораме доволно; да другаруваме со позитивни лица и да си простиме себеси за грешките кои сме ги направиле. Физичката активност помага во надминување на стресот бидејќи ја намалува анксиозноста, релаксира, го подобрува сонот и ја зголемува концентрацијата. Корисно ќе постапиме и ако ги прифатиме нештата такви какви што се, зашто со самото прифаќање исчезнува отпорот и напнатоста. Клучот е да се опуштиме и да не се притискаме со нереални барања и очекувања, бидејќи има малку нешта на кои можеме вистински да влијаеме. Единствено на што можеме успешно да влијаеме се нашите реакции на состојбата во која се наоѓаме. Заклучокот е да почнеме позитивно да размислуваме, зашто од начинот на нашето размислување зависи како ќе се чувствуваме.

фото: Архива

На почеток