Интервју со Дијана Касмска , „Македонски Концепт“, Кандидат за листа на пратеници за ИЕ 3
Дијана Касмска е дипломиран филолог при УГД Штип на катедрата за странски јазици, а специфично на англиски и германски јазик. Од 2017 година е вработена во беровската гимназија. Покрај професионалниот ангажман, љубител на убавиот пишан збор, поезијата и прозата.
ПОЛИТИКА: Кој е Вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски концепт?
Дијана Касмска: Мојот личен мотив да се приклучам на Македонски Концепт е желбата да живеам во една нормална држава. Кога велам нормална, мислам ЕВРОПСКА држава. Од таа причина, делејќи го истото размислување со Македонски Концепт, произлезе и мојата одлука да бидат член на оваа граѓанска иницијатива која верувам, дека на следните избори ќе направи разлика. Како млада и перспективна личност чувствувам должност и обврска да дадам свој придонес кон активностите кои сите нас, не водат кон подобра иднина.
ПОЛИТИКА: Дали ова е Ваш прв политички ангажман?
Дијана Касмска: Да, тоа е мојот прв политички ангажман.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Дијана Касмска: За подобра иднина сонува секој од нас. За жал соништата не секогаш стануваат и реалност. Доколку сакаме подобра иднина во нашата држава, а таа иднина да не бидат аеродромите на некоја европска држава (во потрага по работа), неопходно е да се случат некакви промени, промени кои верувам дека секој од нас ќе ги поддржи, затоа што верувам дека на многумина наши сограѓани, им е веќе мачно од присутноста на криминалот и корупцијата во секоја пора од животот. За нас граѓаните, позитивната проекција за подобро утре, не мора да значи и да нѐ асоцира на владејачката партија или пак опозицијата, односно СДСМ или ВМРО ДПМНЕ. Приоритетна и неопходна е борбата со самите себе, за еднаш да сфатиме дека како граѓани на оваа Држава, потребно нѝ е нешто ново, свежо и реално. Нови планови, нова иднина, нормална држава. Потоа, потребно нѝ е освежување на гарнитурата на политичари, потребни се нови луѓе, луѓе со перспектива, кои ќе создадат нови вредности. Сето ова, ќе води кон подобра иднина, структурни промени, независно судство, правна држава, држава со подобро здравство во вистинска смисла на зборот, реформирано образование. Држава во која ќе биде важно што знаеш и умееш како индивидуа, а не кого знаеш и познаваш! Држава во која квалитетот ќе се цени и почитува!
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Дијана Касмска: Инвестирање во младите и развој на домашните компании. Се изгуби доста време, се тапка во место на ова поле, додека нашиот професионален кадар се докажува во други држави, како на пример – нашите успешни доктори се докажуваат во болниците во Германија, а ние одвај се справуваме со недостигот на стручен и професионален персонал во здравствениот систем. Истото ќе ни се случи и со наставниот кадар, но и со квалификуваните лица во многу други професии и сфери од општествениот живот. Затоа сметам, дека приоритетите на политичкиот фактор треба да бидат сконцентрирани на состојбите со кадровските потенцијали и младите, со цел истите да ги задржиме во државата, и да им створиме доволен број на можности за тие да останат тука.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Дијана Касмска: Солидарноста и искреноста – компоненти кои што имаат влијание за мене, не само за мене како индивидуа, туку верувам и за сите како граѓани на Македонија. Понуда на решенија на проблеми кои одамна постојат и кои не внесуваат весел живот во државата. Кои се тие проблеми?
Проблеми од типот, дипломиран филолог или педагог или правник и слично – невработен! Со диплома во рака и просек на кој може да се позавиди, но сеуште дома, затоа што не дека не знае, не учел и не е способен, туку затоа што ја нема таа среќа да познава никој кој може да му заврши работа. На тоа треба да се стави крај! Инвестирање во млади интелектуалци е најдоброто што може да го направи една држава, без разлика на браншата. Спојот на висока интелигенција и сомнителен карактер е невкусен, а нам нѝ се повторува Во политиката се повеќе и повеќе гледаме сомнителни карактери. Ретко гледам и препознавам интелигенција. Јас како љубител на убавиот пишан збор, би сакала да се цениме едни со други затоа што вредиме, затоа што сме луѓе, а не затоа што мораме или очекуваме нешто еден од друг. Сведоци сме на говорот на омраза по социјалните мрежи, на ТВ и радио медиумите и сл. Таквите говорници најчесто се од две различни политички партии. И на тоа мора да му дојде крај еден ден. За нормално функционирање на една држава, потребни се нормални луѓе! За интелигентно функционирање на една држава, потребни се интелигентни луѓе!
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Дијана Касмска: Јас работам како професор по германски јазик. Мојата порака до децата, е дека треба да го знаат и разбираат јазикот, не затоа што во иднина ќе им биде потребен во Германија, туку дека колку повеќе јазици знаеш и зборуваш, толку си и побогат. На тој начин треба да гледаме и кон предизвиците на денешницата, и преку солидарен и сестран принцип, да се обидеме на секој наш сограѓанин, да му овозможиме достоинствен живот.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Дијана Касмска: На сите нас ни е доста од болни разделби со фамилијата, роднините, другарите… Имаме држава, имаме каде, имаш и со што, но, немаш со кого… таа е болната вистина со која секој од нас во денешницава се соочува. Проекти и начини како младите, па и постарите би останале тука, би вложувале тука, во сопствени бизниси, во свои фирми.
Би се залагала за реална држава, правна, прифатена од нас самите, а потоа и од сите други. Доста е од празни зборови и ветувања. Досегашната песна верувам дека секој ја научил. Една строфа, па рефрен. Потребно е ново нешто, а тоа нешто сме ние младите! Младите кои не сакаат да бидат граѓани од втор ред на 1500 км оддалечени од дома.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Дијана Касмска: Преку проекти , односно реализирани проекти, сите веруваме во нешто. Му доаѓа нешто како дело сторено пред зборот. Докажи, па покажи. Верувам дека ние можеме и да докажеме и да покажеме.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Дијана Касмска: Активен член на Европската Унија и НАТО. Земја на млади кадри, отворени работни позиции, држава без мито и корупција… Сликовито, како расцветано пролетно дрво. Верувам дека никој не би ги изморил очите гледајќи ја таа слика секој ден.
фото: Македонски концепт