Откако во Бугарија беше објавена фотографија од премиерот Бојко Борисов на која се гледа како тој спие во неговата соба, маж попладнево ја реплицираше фотографијата на улица во знак на протест за време на демонстрациите.
„БГНЕС“ објави дека тој полугол лежел на улицата, со пиштол и банкноти покрај него, за време на 14. ден од протестите на кои демонстрантите бараат оставка од Борисов.
Пред еден месец осамнаа неколку фотографии од спалната соба на Борисов, а на дел од нив можеа да се забележат банкноти од по 500 евра, злато и пиштол на ноќното шкафче. Борисов не негираше дека бил снимен додека спие, но тогаш тврдеше дека предметите на другите фотографии биле намерно поставени.
Протестите во Бугарија се одржаа и денеска.