Вкупно 121.187 невработени лица кои ги евидентирала Агенцијата за вработување во мај годинава. Македонија се соочува со хроничен проблем на невработеност, а целата ситуација со коронакризата уште повеќе ја влошува состојбата. Бројот на невработени од почетокот на јануари, кога изнесувал 104.409 лица, до крајот на мај се зголемил за нови 16.800 лица а конкретно од март до мај – кога ескалира економската криза поради избувнувањето на ковид-19, бројот на невработени се зголемил околу 15.400 луѓе, објави sdk.mk.
Ако се навлезе уште подлабоко во официјалните бројки, податоците во овој анализиран период покажуваат пораст на невработеноста кај млaдите во сите возрасни категории.
Во мај, во Агенцијата за вработување биле регистрирани вкупно 25.886 невработени лица на возраст од 15 до 29 години, што во однос на јануари претставува пораст за нови 5.063 невработени млади луѓе. Конкретно, само за пет месеци, бројот на невработени лица од 15 до 19 години се зголемил за 146, кај младите на возраст од 20 до 24 години за 2.458, а бројот на невработени од 24 до 29 години пораснал за 2.459. Ова покажува дека 21,4% од евидентираните активни баратели на работа во мај биле млади лица.
Со засилување на здравствената криза, само од почетокот на март до почетокот на јуни, бројот на млади невработени лица се зголемил за нови 3.482 невработени.
Освен Агенцијата за вработување, стапката на невработеноста ја мери и Државниот завод за статистика, односно објавува податоци за тоа колку изнесува процентот на невработени во однос на оние кои сакаат да работат (без разлика дали се вработени или не). На крајот од првото економско тримесечје, највисока стапка (процент на невработени во однос на оние кои сакаат да работат) на невработеност од 34,9% е регистрирана кај младите на возраст од 15 до 24 години, а во исто време кај оваа возрасна група е регистрирана и најниска стапка на вработеност од 20,8%.
„Овие бројки се очекувани“, вели Бранимир Јовановиќ, економист и еден од поранешните советници во Министерството за финансии. „Неколку фактори влијаат на зголемување на бројот на невработени млади лица во текот на здравствената криза. Прво, многу млади луѓе беа присутни во најпогодените сектори, како туризмот, угостителството, трговијата. Со затворање или редуцирање на работните места токму од таму се регрутираа и нови невработени млади луѓе. Второ, многу млади луѓе работат со договори на дело, како хонорарци и фриленсери и токму тие најмногу ја почувствуваа кризата останувајќи без работа. Оваа состојба се случува во приватниот, но и во јавниот сектор, каде беа ‘замрзнати’ вработувањата со договор на дело, а овој вид вработувања главно се однесуваат на млад кадар, додека повозрасните веќе се вработени со решенија“, вели Јовановиќ.
30%ОД ВРАБОТЕНИТЕ МЛАДИ РАБОТАТ НА ЦРНО
