Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во гостување на РТВ21 во Приштина изјави дека лично побарал Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со постапката доколку ја злоупотребил неговата доверба.
Ахмети порача дека очекува да има вистинска и неселективна правда, без оглед на тоа за кого станува збор. Според него, Груби го уверил дека работел чесно.
„Ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа“, му рекол Ахмети на Груби, како што пренесе во интервјуто.
Лидерот на ДУИ додаде дека јавно побарал Груби да биде пуштен да излезе и да одговори пред институциите, но нагласи дека тоа треба да се одвива во рамките на вистинска, а не селективна правда.
Ахмети изрази и надеж дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор, по што, како што рече, ќе може да се види како ќе продолжи постапката.