Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на економскиот форум BELTALKS 2026, кој вчера и денес се одржува во Белград, Република Србија, во организација на GLOBSEC.
Во рамки на форумот, министерот Андоновски беше говорник на панел-дискусијата „Градење економија заснована на вештачка интелигенција: податоци, инфраструктура и конкурентност“.
„Разговараме за иднината на регионот од економски аспект, а јас ги претставувам можностите за инвестирање во Македонија во областа на новите технологии и вештачката интелигенција. Имаме добар почеток, затоа што Македонија забележа раст на БДП од 3,7 проценти во првата половина од 2026 година и раст од 4,3 проценти во вториот квартал, во услови на ниска инфлација. Овој раст е воден и од инвестициите во ИКТ-индустријата и технологијата“, изјави Андоновски.
„Затоа сме тука – да отвориме нови можности за инвестиции во дата-центри, примена на вештачката интелигенција и развој на технолошки компании, како и да привлечеме што е можно повеќе компании, разновиден капитал и ново знаење во Македонија“, додаде министерот.
На панелот учествуваа и претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, и претседателот на Извршниот одбор на Yettel Bank, Александар Богдановиќ.
Дискусијата беше насочена кон можностите Западен Балкан да се позиционира како центар за иновации, дата-центри и нови технологии, како и кон значењето на дигиталната инфраструктура, енергетските капацитети, човечкиот капитал и поволното деловно опкружување за привлекување високотехнолошки инвестиции.
За време на форумот, министерот Андоновски даде изјава и за гледачите на Македонската радио-телевизија, во која се осврна на придонесот на ИКТ-индустријата во економскиот раст и на можностите за нови инвестиции во Македонија.
Во продолжение на форумот, министерот Андоновски ќе учествува и на затворената тркалезна маса „Еден регион, еден пазар? Трговијата, работната сила, инвестициите и иднината на регионалната интеграција“.
BELTALKS 2026 го отвори претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут, додека завршното обраќање е предвидено за претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Форумот обедини високи политички претставници, носители на одлуки и претставници на деловната заедница од регионот и Европа.