Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk во септември забележал најголема употреба досега, со 27.345 поднесени барања за електронски услуги во текот на еден месец.
Со ова, вкупниот број барања поднесени преку порталот достигна 405.881, односно ја надмина границата од 400.000. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека во резултатот не е вклучена услугата за ИКТ ваучери, преку која биле услужени повеќе од 50 илјади студенти.
Зголеменото користење на порталот се поврзува со проширувањето на бројот на достапни електронски услуги, поедноставувањето на постапките и соработката со институциите кои своите услуги ги прават достапни онлајн.
Особено се издвојува соработката со Државниот завод за статистика, со кој во изминатиот период биле дигитализирани повеќе услуги, меѓу кои и услуги за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека бројките покажуваат оти граѓаните сè повеќе ги користат електронските услуги.
„27.345 барања за само еден месец е најдобриот резултат од постоењето на порталот. Уште поважно е што вкупно ја надминавме бројката од 400.000 барања. Ова покажува дека кога услугата е едноставна, достапна и целосно електронска, граѓаните ја користат“, истакна Андоновски.
Министерството продолжува да работи со институциите на дигитализација и поврзување на нови услуги преку Платформата за интероперабилност, со фокус на услугите кои граѓаните и компаниите најчесто ги користат.
Од Министерството оценуваат дека рекордниот септември е показател оти електронските услуги постепено стануваат почест начин на комуникација меѓу граѓаните и институциите.