Бројот на пожари на отворен простор не се намалува и покрај дождот што завчера ја зафати поголемиот дел од земјата, предупреди Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој информира дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани најмалку 31 пожар на отворен простор, од кои два биле големи и зафатиле поголеми површини, што ги прави особено сложени за гаснење.
Еден од најголемите пожари е на територијата на Скопје, во Општина Ѓорче Петров, во атарот меѓу селата Грачани и Никиштане. Пожарот пред три дена навлегол од косовска на македонска територија, а во изминатите денови против него се дејствувало и од земја и од воздух.
Ангелов посочи дека синоќа ветерот го насочил чадот кон Скопје, поради што тој се почувствувал во повеќе скопски општини и предизвикал вознемиреност кај граѓаните. Рано утрово на терен продолжиле да дејствуваат скопските пожарникари, засилени со огнени тимови на ДЗС, кои работат долж линијата на пожарот.
Од воздух во гаснењето учествуваат армиски и полициски хеликоптер, како и два „ер трактори“ на ДЗС. Според Ангелов, селата Грачани и Никиштане во моментов не се загрозени, иако кај населението има загриженост. Тој очекува пожарот до доцна вечерва да биде ставен под делумна контрола.
Вториот голем пожар е на територијата на Општина Струга, во близина на границата со Општина Дебар. На него работат струшките пожарникари, а гаснењето е отежнато поради големата огнена линија, тешко пристапниот терен и мешовитата шума со нискостеблеста вегетација и грмушки. Во попладневните часови е предвидено врз пожарот да се дејствува и со „ер тракторите“ на ДЗС.
Ангелов предупреди и на намерно предизвиканите пожари. Во текот на вчерашниот ден повторно биле запалени два пожари на Китка – еден на територијата на Општина Студеничани и еден во Општина Зелениково. Благодарение на интервенцијата на пожарникарите, тие биле изгаснати, но ваквите случаи ги распрснуваат силите и го отежнуваат нивното концентрирање на големите пожари.
Тој посочи и дека повторно е активен пожар во близина на селото Копаница, во подножјето на Жеден. Според него, во изминатите денови пожарникарите се бореле со големиот пожар на планината, но повторно биле регистрирани нови жаришта и од скопската и од тетовската страна.
Ангелов апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни и да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат сомнително однесување, веднаш да го пријават на 112, во најблиската полициска станица или кај полициски службеник или пожарникар. Тој предупреди дека опасноста од пожари и натаму е висока и дека една мала искра може да предизвика сериозна катастрофа.