Опасноста од избувнување пожари на отворен простор и понатаму е многу висока, предупреди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, посочувајќи дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани најмалку 34 пожари.
Ангелов информираше дека во моментов нема алармантни пожари, но активни се неколку огништа, меѓу кои пожарот во областа Рамно на Скопска Црна Гора. Според него, пожарот е значително намален и делумно е ставен под контрола, а се очекува во текот на денот целосно да биде изгаснат.
Активен е и пожарот во реонот меѓу селата Селци и Локов, на границата меѓу општините Струга и Дебарца. Втор ден на терен работат тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, составени од доброволни пожарникари од Битола.
Ангелов посочи и дека пожарот што од правец на Белица навлегол на територијата на ловиштето „Јасен“ вчера зафатил поголема тревна површина, а делумно навлегол и во ретка борова шума. На терен се екипи од ловиштето „Јасен“, како и тимови на ДЗС, кои работат на ставање на огнот под контрола.
„Утрово немаше никакво горење, ниските температури ни помогнаа да воспоставиме контрола. Опасноста останува во попладневните часови, но се надевам дека прогнозата на УХМР е точна и дека ќе падне дожд“, рече Ангелов.
Тој информираше и за пожарот што вчера избувнал над изворот на Вардар кај Вруток, на тешко пристапен терен. На него работеле гостиварски пожарникари, кои успеале да воспостават контрола, но и натаму постои можност огнот повторно да се прошири.
Ангелов предупреди дека и покрај моментално поволната состојба, опасноста од нови пожари останува висока, особено во попладневните часови.
„Доволна е само една искра за вистинска катастрофа“, порача директорот на ДЗС.