Македонија

Протест на ВМРО-ДПМНЕ попладне во Скопје, затворени улици, посебен сообраќаен режим

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ  за  денеска попладне во 17 часот најави протест во центарот на Скопје, кој го организираат  една година по приведувањето на лицата за собраниските инциденти од 27 април лани.

Поради протестот, што ќе почне од плоштадот ВМРО, а ќе заврши пред зградата на Владата, е воведен посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје.

По седницата на Извршниот комитет минатата недела партијата најави дека во наредниот период ќе организира протести со кои што, како што соопшти, ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт.

Преку протестот ќе побараат заминување на власта, од која, како што оцени, граѓаните се револтирани поради „партизирано судство, политички процеси, измислени случаи, сиромаштија, крахирана економија, девастирано образование, земјоделство кое пропаѓа, уништено здравство во кое луѓето не веруваат, криминал по улици, корупција во институции“.

Најавената релација на движење на учесниците на протестот е од плоштадот „ВМРО“, десно по улицата „Даме Груев“, право по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред зградата на  Владата.

Поради воведениот сообраќаен режим, Министерството за внатрешни работи  упати апел  до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток